Мицкоски сака македонските универзитети да влезат во првите 1.000 на Шангајската листа, најавува двојно поголем буџет за науката

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање поврзано со поддршка на науката, потенцираше дека Владата двојно го зголемила буџетот на науката и овозможила бесплатен пристап кон најголемите две бази на списанија.
„Она коешто прво би кажал е дека буџетот за науката е двојно зголемен оваа година споредено со минатата година. Дали е тоа доволно бидејќи доаѓам од науката, ќе ви кажам не, но е секако повеќе од тоа што беше минатата година, мислам дека околу 650,660 милиони денари. Нашата цел е да ја стимулираме науката и во таа насока е и онаа активност на Владата да обезбеди бесплатен пристап на сите научници и млади, но и поискусни на две бази на научни списанија. Ако тоа во минатото се плаќаше и беше тешко достапно, сега веќе го имаат бесплатно, државата тоа го покри за сите универзитети и очекувам младите научници да продолжат во таа насока да се однесуваат, односно да ги користат овие бази на научни списанија и да ги следат светските трендови, а со тоа да публикуваат понатаму свои научни трудови, а со тоа да придонесат да нашите универзитети се приближат напред кон првата илјадарка според Шангајската листа на универзитети, којашто е една од најважните репер листи во светот и очекувам тоа да се случи во овој мандат на оваа Влада. Ние како влада правиме сѐ“, одговори премиерот Мицкоски.
Центарот за рангирање светски универзитети (CWUR), во јуни, ја објави листата со 2.000 најдобри универзитети во светот за 2025 година и на неа не се најде ниеден универзитет од Македонија.
Минатата година Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ беше рангиран на 1.990. место, но годинава воопшто не се најде на листата.
Според листата, петте најдобро рангирани универзитети во светот, како и лани, се Харвард, МИТ и Стенфорд од Соединетите Американски Држави, Кембриџ и Оксфорд од Велика Британија.
На неа се најдоа и четири српски универзитети, меѓу кои најдобро рангиран е Универзитетот во Белград, кој се најде на 387. место.
Универзитетот во Љубљана е еден од двата словенечки универзитета што се најдоа на листата и тој е рангиран на 440. место. Универзитетот во Марибор, пак, се најде на 1.220. позиција.
Хрватска има три универзитети меѓу најдобрите, од кои најдобро рангиран е Универзитетот во Загреб, кој се најде на 516. место.
Бугарија има два универзитета на листата, од кои подобриот – Универзитетот во Софија – е на 1.048. место.