Мицкоски сака Битола да биде како Виена
Караванот на ВМРО-ДПМНЕ со неговиот претседател денеска беше во Битола, Демир Хисар, Могила. Мицкоски во говорот во Битола порача дека патриотизам е да Македонија да биде напредна. Во исто време напредна да биде и Битола. И дека сака Битола да има стандард како Виена, а Македонија како Австрија.
„Да градиме мостови на соработка со соседите, а не кукавичлукот на премиерот кој ни го продава тоа како храброст. Да се бориме за патишта и паркови и во Тетово, и во Куманово, во Битола, во Скопје, секаде низ Македонија. Да создаваме дела кои ќе создаваат нова иднина“, рече Мицкоски.
Тој побара од битолчани да гласаат за партискиот кандидат Тони Коњановски и при тоа ги набројуваше деловите од програмата за овие избори – проекти, улици, градинки, училишта…
„Битола секогаш била авангарда, град полн со еснафи, интелектуалци, вредни луѓе, место со душа, град со карактер, но за жал сѐ повеќе празен град. Секаде каде што отидов досега видов градоначалници кои што се мали зоранчиња. Само тука во Битола велат Вице за градоначалник. Си се имаат поделено, еден град за него, еден за бате. Е, овој Битола му паднал на батето за тоа што РЕК ‘Битола’ му бил интересот. И решиле од Битола да прават стентон град. Рецептот им е Струмица“, нагласи Мицкоски.
Мицкоски додаде дека на 17-ти октомври Битола ќе го добие вистинскиот сјај кој што го заслужува, град на конзулите, бисерот на Македонија. Градоначалник на Битола ќе биде Тони Коњановски.
„И кога сме кај овој Зоран Заев, иако е тешко време ќе ми дозволите да кажам една шега која што се раскажува деновиве низ Македонија. Сега пред некој ден кога беше овде во Битола со новото БМВ одлучил Заев да се паркира пред Епинал, но пред него таму на тоа место паркирал некој граѓанин. Доаѓа полицаецот и му вели на граѓанинот веднаш препаркирај го возилото доаѓа Зоран Заев, премиерот. А, вика јас за ваквите како него имам лек, си ставив и аларм, а богами и камера за да не ми го снема возилото“, кажа Мицкоски.
Мицкоски посочи дека и малите деца знаат дека волкот влакното го менува, а карактерот не. Дали биле Заевци, дали биле стентоновци, тоа е едно те исто.
„И заедно на 17-ти октомври мора ова да биде поразено. А, ќе биде поразено кога ќе им докажете дека вашиот глас вреди, вашиот глас не е коцка. Не е нешто со кое човек вака неодговорно може да се однесува. Вашиот глас не е глас на некој нивен заробеник кој тие мислат дека го командуваат. Вашиот глас е глас на човек, глас на совесна, одговорна личност што си ја сака Македонија“, порача Мицкоски.
Кандидатот за градоначалник, Коњановски, вети борба за инвестиции во Битола, уредување на инфраструктурата во индустриската зона „Жабени“, ново основно училиште во населбата Буковски ливади, изградба и реконструкција на спортски сали, примарни велосипедски патеки и премини низ целиот град…