Или избори или целосна блокада на институциите, објави Мицкоски од митингот пред Владата

Мицкоски го повика премиерот да го одбие францускиот предлог, а тие како партија нема да гласаат за промена на уставот за да се внесат бугарските барања во него


Според Мицкоски, новиот предлог од ЕУ е капитулација и бугаризација на земјата на рати (Фото: Б. Грданоски)

 

Промени мора да има. Оваа битка ја водам и за вас и за вашата поддршка секојдневно копнеам. Поддршката ќе заврши со промената на оваа власт, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вечерашниот протест пред Владата на кој присуствуваа десетици илјади граѓани.

„Големата поддршка значи промена на оваа разуздана и предавничка власт и на премиерот кој се смее дека оваа преубава земја била Западна Бугарија. Нека знае дека за мене и за вас била и ќе остане нашата мила мајка Македонија“, рече Мицкоски на протестот што се одржа под мотото „Премногу е“.

Тој нагласи дека народот денеска доаѓа да си го земе тоа што му припаѓа, а тоа, како што рече, е слободата.

„Ќе нè има и тогаш кога ќе нè нема. Ако нè немаше токму тогаш кога требаше да нè има. Е вечерва, мој народе, нè има и затоа нема да нè нема. Македонија е жива и ја има, многу ја има“, порача Мицкоски. 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека доколку нема договор за предвремени избори летово, партијата ќе премине во фаза на целосна блокада на парламентот, но и блокада на институциите, патиштата, процедурите и системот, како и протести низ градовите.

Блокадата, како што рече, ќе биде за спас од штетата која сега ја плаќа Македонија.

„Некој ќе праша – дали од сето ова ќе има штета. Одговорот е дека најголемата штета сега ја плаќаме, а нашата блокада ќе биде за спас од таа штета. Нема време за чекање затоа што кризата ќе биде уште поголема и уште пофатална. Најтешката зима следи, а со оваа влада ќе биде вистинско економско цунами за народот“, рече Мицкоски, додавајќи дека ова лето ќе биде протестно лето.

Тој рече дека од денес ќе прифати единствено средба со премиерот Димитар Ковачевски на која ќе се разговара само за предвремени избори и за клучните прашања. Мицкоски вечерва ја модифицираше таа понуда во друг услов.

„Пред неколку месеци до Ковачевски понудив тимови за помош во повеќе клучни области и средба на која ќе зборуваме за сето тоа. Но, до денес нема никаков одговор. Од денес единствената средба што ќе ја прифатам е таа на која ќе зборуваме само за клучните теми за Македонија и за предвремени парламентарни избори“, рече Мицкоски.

Фото: Б. Грданоски

Тој го повика премиерот Димитар Ковачевски да го одбие францускиот предлог за одблокирање на македонските евроинтеграции. Според неофицијалниот предлог, пристапните преговори на ЕУ со Македонија нема да почнат додека не бидат внесени Бугарите во македонскиот устав.

„Излези и одбиј го овој предлог. Ние стоиме зад тебе. Што се однесува до Бугарија сакам да посочам дека ниту јас, ниту ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати никаков понижувачки договор на штета на нашите национални интереси. Ако Владата реши да го носи надвор од Собранието или на сила, тогаш идната влада на ВМРО-ДПМНЕ нема намера ниту една точка од овој договор да почитува и применува. Две третини или 80 пратеника менуваат Устав, а тоа зависи од ВМРО-ДПМНЕ. Додека сум јас претседател, нема да се смени Уставот за да бидат бугарските барања дел од него“, истакна Мицкоски.

Според него, новиот предлог не е ништо друго освен капитулација и бугаризација на земјата на рати или дипломатски нокаут.

„Во тој предлог нема дата за почеток на преговори, туку има услов ако сакате да почнете отворете го Уставот и исполнете ги барањата  на Софија. Нѐ лажеа дека не преговараат за јазикот и за идентитетот и нѐ убедуваат дека по којзнае кој пат го заштитиле македонскиот јазик. Тоа што до вчера беше наш проблем со официјална Софија, со овој предлог станува наш проблем со официјален Брисел и целата ЕУ или попрецизно асимилација, бугаризација, па потоа европеизација или никогаш нема да бидеме дел од ЕУ“, рече Мицкоски.

Тој упати порака и до Бугарија велејќи дека добрососедски односи не се некој да се блокира. „Наместо да нѐ поддржувате, вие нѐ блокирате. Тоа не се европски вредности“, рече Мицкоски

Тој зборуваше дека промените се насетуваат. „Тука сме собрани оваа вечер илјадници со име, со чест, со гордост и волја која мора да донесе промени. Од денеска, па натаму вашиот глас ќе татни низ градовите и селата на Македонија. Како громогласно ехо тргнуваме да ја освоиме победата која ни припаѓа“, рече Мицкоски и додаде дека вечерва се случува народ.

Мицкоски порача дека народот секојдневно осиромашува поради неодговорната власт.

„Власта удри по стандардот, по земјоделството, по економијата, по сѐ. Булеварите секојдневно се полнат со луѓе кои просат затоа што изгубиле речиси сѐ. Гладот не знае за вера или нација. Реалноста е тешка и мачна. Денеска сум овде пред вас и ветувам дека нема да разочарам. Тие ги имаат институциите, а јас заедно со вас го имам народот. Ви благодарам што се одваживте да дојдете. Ви благодарам што независно од сите закани, притисоци и уцени од власта, вие стоите овде до мене за заедно да ги менуваме работите на подобро“, им порача Мицкоски на присутните.

Фото: Б. Грданоски

Тој рече дека во својот живот памети два собира на кои се собрал толку многу народ. Тоа, како што кажа, е собирот на 8 септември 1991 година и овој што се случува денес.

„Доколку 8 септември беше собир на надеж, овој е на разочарувањата особено во последните пет години. На многумина им е прекипено од разочараноста и велат доста е. Народот сака борба и сака да се избори за својата Македонија. И тогаш и сега заедничка е борбата за Македонија. Јас сум тука затоа што ќе се бориме, бидејќи другиот избор е Македонија да не постои. Со секој ден на власт на СДСМ и ДУИ сме поблиску да ја нема. Или ќе се бориме или ќе ја нема Македонија“, потенцира Мицкоски и додаде дека е неопходна општествена поддршка за обединување и создавање на силни луѓе кои носат подобри времиња.