Мицкоски: Не сум имал средба со Ахмети

Иако во изминатите месеци тивко се зборуваше, последниве денови се погласно се говори од страна на експонентите на власта дека, наместо да избираат граѓаните, можен е избор на претседател во Собранието на Република Македонија. Сакам да бидеме на јасно, ова е сценарио за суспендирање на волјата на граѓаните, поништување и укинување на правото граѓанинот директно, на непосредни избори да го избира својот претседател. Добро се знае кој го има мнозинството во Собранието, исто како што се знае и начинот до кој дојдоа до тоа мнозинство, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција.

Додаде, да се поништува волјата на граѓаните и да се избира претседател наместо на избори, во Собрание, како што рече, не е баш европска Македонија, а уште помалку некакво одење напред.

– Кој е начинот да се избегне ова сценарио на кое сега јавно предупредувам? Да се излезе што помасовно во недела, во што поголем број и да се покаже дека народот е главен суверен во оваа земја и дека правдата ќе победи, правдата ќе го казни заевизмот за сето она што го ветија, а не го направија и за се она штетно што испорачаа. Сега е моментот кога треба да се биде гласен и да се преземе судбината во свои раце. Власта да не се дрзнува да ја попречува вољата на народот и да не пристапува кон методите на фалсификат како што тоа го правеше за време на референдумот. Тоа овој пат нема да помине, рече Мицкоски.

На прашање во однос на обезбедувањето на цензусот, за можните калкулации што власта ги најави околу изборот на претседателот и дали се точни информациите дека имале средба со Али Ахмети и дека на таа средба му ветил излезност, Мицкоски посочи дека немале таква средба.

– Не сум имал таква средба и не сме разговарале на таа тема со господинот Али Ахмети. Но, доколку ја погледнете изјавата кој што ја даде претпоставувам се реферирате на изјавата од вчера дадена на Клик Плус на една телевизија, ќе видете дека оние портали и медиуми блиски до Заев Зоран и неговата група, комплетно ја извртија изјавата бидејќи изјавата реферира не на наша средба, туку на моите изјави дадени на митинзите и во јавноста и ако се преведе како што треба да се преведе, јасно кажува таму дека се повикува на тоа што јас го говорам во јавноста, а не на некаква наша средба, а ниту пак станува збор на некакво ветување, одговори Мицкоски.

Прашан до каде се преговорите за СЈО, Мицкоски го повика Зоран Заев, да ги поддржи нивните предлози и амандмани и во Собранието да го изгласаат Законот за јавното обвинителство.

– Нашите принципи за Законот за јавно обвинителство, не за СЈО, се познати на македонската јавност, тие принципи се преточени во предлог амандмани. Ајде нека ги поддржи конечно Зоран Заев нашите предлози, нашите амандмани да одиме во Собрание да го изгласаме законот за јавното обвинителство и да завршиме да ја тормозиме јавноста во Република Македонија со овој проблем, рече Мицкоски.