Мицкоски пак повикува на предвремени избори без техничка влада


 

Лидерот на опозицијата денеска од Битола уште еднаш го повтори повикот за предвремени избори велејќи дека неговата партија ВМРО-ДПМНЕ ќе се согласи да оди на нив и без техничка влада.

„Ние јавно подадовме рака за предвремени парламентарни избори, дури и рековме ако е услов 100 дена техничка влада, јавно се откажуваме и ја фрламе раквицата дека не треба да има 100 дена техничка влада и дури не треба воопшто да ја има и веднаш да го смениме законот“, рече Христијан Мицкоски за време на посетата во Битола.

„Нема потреба од техничка влада, нема потреба од тие 100 дена туку веднаш да одиме на избори. Тоа е мислам разумно. Ако зборуваме за есенски избори, тогаш овие луѓе ако ги прашате дали да има парламентарни избори па претседателски избори следната година, односно државата и бизнисот да бидат во грч повеќе од 10 месеци, сигурно ќе ви речат, не. Односно или сега предвремени избори или заедно во еден трошок претседателски и парламентарни избори“, рече Мицкоски.

Тој рече дека коридорите 8 и 10д се приоритет и на ВМРО-ДПМНЕ, но дека нема да дозволат криминал со надзорот за кој се предвидени 22 милиони евра.

„ВМРО-ДПМНЕ овие коридори ги има како приоритет во својата програма и што се однесува до изведбата ние сме апсолутно тука и стоиме на располагање на реномираната компанија ‘Бехтел’ да помогнеме во реализација на овие два коридора, но на законски начин со вистински супернадзор“.