Мицкоски открил олигарси во општините


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, извести дека партијата заедно со шведската фондација Јарл  Хјалмарсон работи на подобрување на капацитетите на локалната администрација.

-Разговараме за  подобрување на локалните политики и подобрување на капацитетите на администрацијата, проектниот менаџмент, реализирањето на проектите коишто беа дел од изборната кампања на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ. Една група се сега, во следните недели, во следниот период ќе бидат опфатени сите градоначалници.

Јас сум навистина многу задоволен од тоа што можеме да размениме искуства со поискусни држави, коишто се понапред од нашата држава и од таму можеме, врз основа на тие искуства да ги подобруваме капацитетите на локално ниво, соопшти Мицкоски, пред да се осврне на омилената тема – колку не чини ништо од тоа што го прави СДСМ. 

-Се надевам дека конечно граѓаните ќе добијат нешто поинакво споредено со тоа што беше изминативе 4 години. Иако изминативе 4 месеци, откако се направи детален скрининг и мапирање на сето она коешто го наследија градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, можеме да кажеме дека се соочуваме со многу проблеми. Практично изминативе 4 години на локално ниво се создадени олигарси од градоначалниците кои претходно беа на тие позиции од редовите на СДСМ, рече Мицкоски.