Мицкоски: Опозицијата манипулира и клевети
Премиерот Христијан Мицкоски денеска ја обвини претходната влада на СДСМ дека ќе биде запаметена како власт што тогаш најлошо се справила со ковид-пандемијата, дека спроведувала брутален поткуп, молела за вакцини.
„Вчера ја гледав прес-конференцијата на претседателот на СДСМ. Таму тој се повика на мерките што биле преземени за време на ковид-кризата и пандемијата и правеше разлика и споредба на оваа мерка со тие и по што тие ќе останеле запаметени. Но заборави да каже дека единственото нешто по што ќе бидат од тогаш запаметени е фактот што како држава најлошо се справивме со ковид-пандемијата, односно имавме најголем број смртни случаи на жител во споредба со сите европски земји“, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање за коментар на критиките од лидерот на опозицијата дека Владата не презема доволно мерки за заштита на стандардот на граѓаните.
Ова тврдење на Мицкоски не е точно, затоа што иако Македонија имаше огромен број починати, таа не беше на врвот на европските земји. Пред неа на таа неславна листа се Унгарија, Бугарија и Босна и Херцеговина.
Мицкоски рече дека дека тогашната влада на СДСМ коленичела на граница да добиет пет илјади вакцини донација од Србија, а и граѓаните „коленичеа“во соседството да добијат и да аплицираат вакцина против ковид. „Тоа нема да го слушнете на лажните клеветнички прес-конференции на опозицијата, но затоа ќе слушнете како конструираат и измислуваат“, рече Мицкоски по пуштањето во употреба на реконструираниот Регионален центар за средно стручно образование „Моша Пијаде“ во општина Тетово.