Мицкоски не сака да им ги зголеми платите на судиите и обвинителите, преголеми биле и не ги заслужувале


Премиерот Христијан Мицкоски на брифингот со новинарите денес ги престави напорите на Владата да ја имплементира Реформската агенда за Планот за раст на ЕУ, но јасно стави до знаење дека некои од барaњата на Брисел нема намера да имплементира, или барем же ги убедува за пинакви решенија. 

Едно од тие барања е да им се зголемат платите на судиите и на обвинителите како начин да станат независни, што е една од реформите што треба да се оствари  до декември оваа година, а за кое премиерот најави дека ќе се направи компаративна анализа – за да се спореди колкави се нивните плати во земји членки на Европската унија. Освен што сметаше дека платите им се преголеми, а со барањето на ЕК ќе бидат дуплирани, Мицкоски рече дека се и – незаслужени, споменувајќи бројка до 350.000 денари месечно како идна плата и тврдејќи дека со прифаќањето на барањата на Брисел – буџетот за судството ќе се зголеми на околу 100 милиони долари.

„ Ние рековме, еве, да направиме една компаративна анализа, да видиме од буџетите на неколку земји членки од Европската Унија колку се издвојува. Законот што ги третира примањата на вработените во судовите и обвинителствата, законот за судска служба и обвинителска служба не е толкав проблем, поголем проблем е за самите судии, обвинители, членовите на Судскиот совет и членовите на Советот на јавни обвинители. Тука имаме, главно, проблем, и ние како влада не се согласуваме да има зголемување на примањата, затоа што мислиме дека и со овие примања, не си ја вршат работата како што треба. Го задолживме Министерството за финансии да направи една компаративна анализа како е тоа во Европа, вклучен е и човек од мојот кабинет. Очекуваме до крајот на септември да имаме одреден инпут. Избравме пет држави – Германија, Франција, една скандинавска земја, една од Централна Европа (Унгарија или Чешка) и Хрватска – да видиме како е таму за да излеземе пред Европската комисија пред да ги дадеме овие закони во Собранието. Да кажеме ова ќе биде тоа што ќе биде составен дел од законот“ – рече Мицкоски.

Според премиерот, од шестте закони предвидени во судско-обвинителската сфера, само ова е пречка за да влезат во процедура. 

„Не се согласуваме таму да има зголемување на примањата. И, тие сега не ги заслужуваат. Лично и тоа што го земаат би им го намалил бидејќи земаат многу, неколкупати над просекот на платите во државата, а немаат резултат“, порача Мицкоски најавувајќи дека Министерството за финансиии ја прави компаративната анализа.

За Мицкоски проблем беше и платата за нашиот преставник во Eurojust што треба да ја одреди Јавното обвинителство, а која според него може да биде ненормално голема, поради што Владата бара таа да биде во висина на наш дипломат од трет ранг во амбасадите на Македонија во странство.  

Практично Мицкоски го изедначи буџетот за судството и обвинителството со платите, иако тој опфаќа и прием на нови судии и  подобро опремување на судовите и обвинителствата, бидејќи во моментов фалат стотици судии. Ако се погледне пак во документите околу реформската агенда што ги објави ЕУ, се гледа дека Брисел бара да им се даде на судството и обвинителствата тоа што е определено со закон, како праг за да се обезбеди независност и функционалност,  односно 0,8 отсто од БДП место намалените 0,29 отсто . Имено, во документот прецизно стои дека буџетот одреден за судството лани бил 0,29 отсто од БДП „што е малку кога ќе се земе во обзир дека законски утврдениот минимум е 0,8 отсто од БДП“. 

Во докоментот од Рефорската агенда за Планот за раст на ЕУ за Македонија стои исто така обврската:

„Обезбедување на финансиска независност на судскиот систем со  постигнување на целите на Судската стратегија (2024-2028), во согласност со Законот за судски буџет (декември 2025 година).Основната линија (2024) е 0,3% од БДП за судскиот буџет и 0,2% од државниот буџет за буџетот на обвинителството. Целта на овој чекор е да се придонесе кон судската независност, вклучително и функционалната и оперативната независност на судските и обвинителските органи со законска рамка во согласност со европските стандарди. За да се овозможи ова, една од мерките е да се обезбеди доволно финансирање и ресурси за судските органи, во согласност со препораките од мисијата за рецензија на Судскиот совет и зголемување на
вкупниот капацитет на Јавното обвинителство и кадровските капацитети за планирање на буџетот и управување со финансиите за судството и обвинителството.

Годишниот судски буџет останува под минимумот пропишан со закон (0,8% од БДП). Тој варира помеѓу 0,26 и 0,3% од БДП. За буџетот на Јавното обвинителство, тој е 0,2% од државниот буџет
под минимумот предвиден во Законот за јавни обвинителства (0,4% од државниот буџет).
Според податоците на CEPEJ, судскиот буџет стандардизиран како процент од БДП е значително помал од другите земји во регионот. Обврската за барање одобрение од Министерството за финансии за прераспределба на буџетотот и за вработување не ја поддржува независноста и автономијата на судството. Првата активност кон достижниот чекор е анализа на системот за управување и постојното законодавство што го регулира финансирањето на
судскиот систем“, стои во препораките на ЕК.

Околу платите на судиите пак стои дека основната цел е  да се обезбеди усогласеност на платите на вработените во оваа сфера со зголемувањето на минималната плата .

„Во моментов е јасно дека еден од изменетите прописи ќе биде и Законот за административни службеници за да се исклучи судската и обвинителската служба од опсегот на овој закон. Во измените на законите што ги регулираат платите на судиите и обвинителите во 2024 година, коефициентите беа намалени, што дополнително влијаеше на платите на судиите и обвинителите“, стои во документот на ЕУ.

 Инаку денес се појави листа на платите на членовите на Владата на која стоеше дека премиерот Мицкоски и министерот за внатрешни работи панче Тошковски земаат над 140.000 денари месечно. 

Експерти што се запознати со процесот ваквите најави ги оценија како „контрола на штетата“ од страна на премиерот кој не вика „не“ на Реформската агенда, но најавува дека најважните делови нема да ги спроведува. Според овие извори  законите биле подготвени според барањата на ЕУ, но Министерството за финансии дало негативен одговор, во смисла  дека „нема пари“ за сето тоа да се спроведува, иако реформите ќе бидат наградени со фондови. Практично министерствата межусебно се блокираат  и така се сопираат реформите , иако формално законите се прават. 

 Од друга страна премиерот најави уште неколку „не“ за Брисел, од тоа дека „сега“ нема да ја либерализира цената на струјата бидејќи тоа ќе ја направи два до три пати поскапа, иако новинарите забележаа дека на подолг рок може да биде пониска. Најави истио така дека нема намера да ја менува даночната политика  и дека ќе прави исто така компаративна анализа какви одредби имаат земјите членки за „злоупотреба на службената позиција при јавни набавки“ и какви казни иако Брисел бара веднаш да се укине промената на Кривичниот законик која ослободи многу обвинети за корупција и криминал. 

„Фокусот во овие реформи е на членот 353 од Кривичниот законик, односно на избришаниот Став 5  кој се користеше како политичка алатка поради непрецизноста“, рече Мицкоски најавувајќи дека многу скоро ќе биде готова компаративната анализа како тоа е регулирано во други земји членки на ЕУ ( не во сите, туку неколку одбрани). Лично тој ги отфрли забелешките дека само се одлага намерно промената на Кривичниот законик со порака дека рокот е до крајот на годинава и не доцниме. Инаку, Законот беше сменет кога ДУИ и СДСМ беа на власт, но со обезбеден собраниски кворум од ВМРО-ДПМНЕ. 

Вицепремиерот Орхан Муртезани остана оптимист, и по овие најави, дека македонија во декември ќе биде на врвот во регионот по исполнувањето на Реформската агенда. Тој ги отфрли критиките дека заостануваме со оценка дека исполнетотст од 40 отсто не е заостранување најавувајќи дека во моментов Владата работи на 39 чекори  чиј рок е до крајот на декември со период да се поправиме – од 12 месеци. Тој рече дека за рокот до јуни 2025 година 9 чекори се исполнети целосно, а седум делумно и дека Владата решила сите закони иод Реформската агенда да ги праќа прво на увид во Европската комисија, а потоа во Собранието , за да нема потоа забелешки за нив, бидејќи имало реакции од Брисел. Тоа ќе биде гаранција дека се навистина според препораките на ЕУ.