Мицкоски не е сигурен дека ќе ги убеди банките за унгарскиот заем
Премиерот Христијан Мицкоски не е сигурен дали утре ќе успее да ги убеди банките да субвенционираат дел од трошоците за кредитите за фирмите кои ќе дојдат од унгарскиот заем.
„Ние утре ќе разговараме, а дали ќе успееме, не знам. Знам, сигурно, дека корисниците ќе ги имаат оние услови за кои ние зборувавме, но морам да напоменам дека и во минатото, во овие 3 децении, државата секогаш субвенционирала ваков тип на заеми и оргомна сума на средства по основ на камати завршиле кај банките, или кај заемодавателите“, вели премиерот.
Премиерот очекува утре, на состанокот со банките, да има отворен разговор за ситуацијата, но не е сигурен дали средбата ќе вроди со плод и дали ќе успее да ги убеди банкарите да субвенционираат дел од трошоците за кредитите кои ќе се делат на компаниите од заемот од Унгарија.
„Очекувам да се видиме, да поразговараме отворено и очекувам на крај утре да ја завршиме целата работа и од следната недела да почнеме со подготовки за реализација на заемот зашто на дневна основа добивам повици од заинтересирани економски оператори кои сакаат да бидат корисиници на оваа линија за да можат да ги подобрат инвестициските перформанси на своите компании“, изјави денеска премиерот Мицкоски.
Досега е познато дека само една банка покажала подготвеност да субвенционира дел од трошоците, додека кај другите немало големо расположение. Затоа, премиерот повторно ги повика банките да покажат општествена одговорност во ситуација на глобални предизвици.
„Дали ќе успеам и кои се условите кои утре ќе ги договориме, не зависи само од мене. Ние како влада ќе дадеме се и цениме дека во овие услови на предизвици во светот тоа е најмалку нешто што можеме заедно со банките да направиме… Како влада, со сите компании со кои соработуваме, сакаме да видиме општествена одговорност. Нормално е кога користите средства од граѓаните нешто и да вратите кај граѓаните, тоа не е нешто ненормално. Ако некој ја банализира таа општествена одговорност, јас сметам дека ја погрешил траекторијата“, вели Мицкоски.
Тој не беше јасен во одговорот на прашањето што ако нема договор со банките и колку тоа ќе ги чини граѓаните зашто тие средства ќе треба да ги покрие државата од буџетот.
„Ќе се направат пресметките во зависност од тоа каков утре ќе биде договорот, но секако ќе биде најмалку два пати помалку отколку да излеземе на отворен пазар и преку еврообврзница да бараме пари зашто ние секако треба да вратиме една таква еврообврзница на 25 јануари зашто тогаш истекува седумгодишната еврообврзница од половина милијарда земена во 2018. Сега да излеземе на отворен пазар под 6 до 6,5 проценти камата не можеме да добиеме евробврзница или заем“,вели Мицкоски.
Станува збор за кредит од 500 милиони евра со каматна стапка од 3,25 отсто, со период на отплата од 15 години, односно вклучен грејс период од три години. Тие пари ќе влезат како средства во буџетот, од каде 250 милиони евра ќе бидат насочени кон Развојната банка, а таа преку комерцијалните банки треба да ги пласира на приватниот сектор за инвестиции, а останатите 250 милиони евра се наменет за инфраструктурни проекти, осносно за финансирање на проектите на општините.