Мицкоски ја оцени како дволичност изјавата на Пендаровски по средбата


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на новинарско прашање во Делчево дека изнел различен став од она што било дискутирано на вчерашната средба со претседателот Стево Пендаровски, порача дека се работи за дволичност и очигледен  притисокот врз Пендаровски, иако на средбата имале усогласени ставови.

-Генерално ние внатре се сложивме за се, како што кажав и во мојата изјава надвор, откако излегов од состанокот којшто го имав со господинот Пендаровски. Очигледен е притисокот којшто се врши врз него, од оние би рекол новинарски пера којшто се под директна команда и влијание на СДСМ и Зоран Заев, но и од медиумите каде што влијанието на СДСМ и Зоран Заев е забележливо и тоа очигледно оставило трага кај претседателот Пендаровски. Јас го разбирам, нормално не можам да  го оправдам бидејќи тоа во суштина се нарекува дволичност, едно лице да имате на средбата, едно да имате надвор пред камерите. Но, во ред, битно е дека дури ваков притиснат Пендаровски излезе надвор со став дека, сепак, доколку имаме нови докази овој случај како и многу други случаи во минатото да започне од самиот почеток, рече Мицкоски.

Мицкоски посочи дека ќе се почека конечно пресудата од второстепениот суд да ја добијат осудените лица и нивните бранители и потоа да можат да користат вонреден правен лек,  односно да приложат нови докази.

-Ќе го искористат инструментот вонреден правен лек за да можат понатаму да ги презентираат новите докази пред третостепениот  Врховен суд или пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, такашто на крајот од денот ја сепак сум задоволен затоа што најмалку што во овој момент им треба на граѓаните е, место да слушаат исфрустрирани политичари,  да слушаат и гледаат политичари кои знаат како да се справат и да ги решаваат проблемите, а не да ги создаваат. Во  таа насока беше и таа наша вчерашна средба, истакна Мицкоски.