Мицкоски ја менува препораката на ОБСЕ – било минимум 1 отсто за независни листи
Поголемите партии изгледа сфатија дека се најдоа во вителот на општото незадоволство од промените во Изборниот законик што сами си ги договорија, па сега бараат начини како да излезат од него. Но со политички фаули и – невистини.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска тврдеше дека во препораките на ОБСЕ/ОДИХР стоело дека за независните листи 1 отсто бил минимумот а не максимумот, што целосно е неточно, затоа што овој извештај на ОБСЕ е познат четри години. Зборувајќи на прес-конференција Христијан Мицкоски рече дека е „добро македонската јавност да знае дека препораките на ОБСЕ/ОДИХР велат дека треба да биде минимум еден процент, а два проценти е поради барањето на владејачките партии“.
Во исто време, портпаролката на ОБСЕ-ОДИХР, Катја Андруш, за „360 степени“ изјави дека препораката останува до 1 отсто од запишаните гласачи.
„ОДИХР навистина даде препорака за стандардизирање на потребниот број потписи за независни кандидати до 1% од запишаните гласачи. Како што рековме тогаш, ова е во согласност со меѓународната добра практика. Продолжуваме да ги следиме тековните дискусии за предложените измени во Изборниот законик и подготвени сме да ја разгледаме секоја предлог-регулатива на барање на властите“.
Предлог-измените во изборниот законик влегоа во Собранието со потписи на пратениците на најголемите политички партии, вклучително и на Никола Мицевски и Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ. Но Мицкоски и покрај потписите на неговите пратеници денес ја префрли топката кон власта и малите партии:
„Ние изразузавме целосно разбирање со помалите партии. И за ВМРО-ДПМНЕ е прифатливо она решение кое власта заедно со нивните коалициски партнери ќе го договори“, рече тој.