Мицкоски има „предлог плус“ за францускиот предлог


 

Таканаречениот француски предлог за почеток на пристапните преговори со ЕУ може да се измени со додавање на предлог плус, кој ќе ги опфати барањата на македонската заедница во Бугарија, рече премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за коментар на изјавата на американската амбасадорка Анџела Агелер дека нема одново преговарање за Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија.

За Договорот од Преспа, Мицкоски рече дека се согласува со амбасадорката оти нема шанси тој да се смени и вели: „Ние пред многу години го кажавме нашиот став дека тој договор е реалност и дека е дел од правниот и уставниот поредок на државава“.

„Со диктати и ултиматуми не преговараме така што, ако можел Договорот за добрососедство да биде репреговаран и на него да му се додаде таканаречениот францускиот предлог, не гледам причина зошто да не се додаде француски предлог плус или некој друг предлог кој што ќе ги опфати барањата кои ги имаат Македонците во Бугарија. Не може да имаме двојни стандарди, да бараме да имаме промена во Уставот во Македонија за неколку стотина наши сограѓани кои за себе велат дека се дел од бугарската заедница, тогаш треба да видиме што е со правата на Македонците во Бугарија. Треба да си го поставиме прашањето зошто бараат да бидат дел од нашиот Устав, дали се нарушени нечии права? Досега од меѓународниот суд за човекови права имаме 14 пресуди дека се нарушени правата на Македонците во Бугарија, а нема пресуда за нарушени човекови права на бугарската заедница во земјава. Ние ги почитуваме тие неколку стотици граѓани кои велат дека се дел од бугарската заедница, но бараме и бугарскиот претседател да ги почитува првата на македонската заедница во Бугарија“, рече Мицкоски на поставување камен темелник на градинка во Општина Бутел.
 
Според официјалните резултати на пописот од 2021, 3.504 македонски граѓани се изјасниле како Бугари, што е 0,19 отсто од населението во Македонија. Дека бугарскиот им е мајчин јазик на Пописот пријавиле 1.519 граѓани, што е 0,08 отсто од населението во земјата.