Мицкоски и Тошкоски ставени на фото со крвави лица


ВМРО-ДПМНЕ реагира на, како што велат,  срамниот, злонамерен и монструозен обид за политичка злоупотреба на трагичните настани во Кочани преку дистрибуција на фотомонтажи и лажни обвинувања кон претседателот на Владата и други функционери.

„Овие содржини беа објавени на интернет страницата ubijcitenakocani.com. Според јавниот WHOIS-извештај објавен на whois-страницата, доменот е регистриран вчера, на 16.9.2025 година. Од WHOIS-записот не се гледаат јавни детали за вистински регистрант или за крајни сопственици. Ова јавно отсуство на податоци, во комбинација со именуваните name servers и регистратор, укажува на обид за анонимност и за прикривање на вистинските нарачатели и сопственици на сајтот, што дополнително ги засилува сомнежите дека станува збор за намерна, организирана кампања, со цел политичка манипулација и сокривање на траси кон вистинските иницијатори“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

За ВМРО-ДПМНЕ, се додава, е јасно дека зад ваквите обиди стојат структури блиски до Венко Филипче и неговите инсталации, кои со години ја злоупотребуваат политиката и јавниот простор за лични и партиски цели.

„ВМРО-ДПМНЕ повикува на итна реакција на надлежните институции. Не сакаме да веруваме дека некој сака по уште еден пат да предизвика болка, овојпат преку гнасна политичка злоупотреба на оваа трагедија. Зарем Обвинителството ќе остане немо на вакви содржини, кои директно шират омраза, дезинформираат и претставуваат закана за безбедноста на луѓето? Дали институциите ќе ги испитаат регистраторските траги и ќе утврдат кои стојат зад анонимниот сајт и кој ги нарачал овие монструозни материјали“, соопшти партијата.

Јавноста мора да знае дека обидот да се оцрни политичкиот противник преку вакви монструозни конструкции не е ништо друго освен признание за немоќ и недостаток на идеи, се додава во соопштението.

„Болката на семејствата мора да остане света и недопирлива, а не инструмент за најниска политичка злоупотреба. ВМРО-ДПМНЕ останува посветена на демократијата, дијалогот и решавањето на проблемите на граѓаните преку одговорни политики, а не преку ширење на омраза и лаги“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Директорот на СОЗР, Ивица Томовски, исто така оцени дека СДС ќе изгуби многу на претстојните избори, обвинувајќи дека опозицијата нуди „црнила и лаги“.

-Еден пријател ме праша колку ќе загуби СДС, реков многу. Причините за тоа е фотографијата подолу. Затоа што додека Мицкоски прави проекти, Венко нуди пожари, додека Владата се бори за развој и правда, креаторите на сликата подолу нудат црнила и лаги. И тоа е еден ист центар. Тој центар е против Македонија и се она за што се бориме. Затоа ова е за осуда. А пресудата на народот доаѓа многу бргу, порача Томовски.

Ова е којзнае кој обид на јавноста оркестрирано да и се сервира квази тема, за да не се занимава со тоа што навистина и е интерес, како енормното загадување како резултат на корупцијата и неодговорноста.