Мицкоски и по една година кажува како треба за ЕУ, а не што постигнал
Премиерот и денеска ја повтори неговата максима: „Наша стратегија беше да го зафатиме теренот и да ги претставиме нашите аргументи“

ЕУ беше, е и ќе остане наша цел, но за жал, ние сме единствената држава во Европа која нема предизвици втемелени на постигнувања или друг тип критериуми што важат за другите земји кои станале или се во процес да станат земји членки, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски на самитот Македонија 2025.
За нас, напомена тој, тие критериуми се од сосема поинаква природа.
„Дел од тие отстапки правени во минатото од голем дел од политичарите, се резултат на некои процеси во кои самите тие биле вовлечени па биле притиснати до ѕид и немале каде, дел од лекомисленост и лековерност, а дел од национална исплакнатост и неводење грижа ниту за жртвата дадена во минатото, ниту имале можност да имаат визија за иднината и сега. Оваа влада треба да живее со сето тоа и да се бори, дел од тој простор што некој претходно го зафатил, да го освои повторно. Тоа е тешко, не е лесно, но ќе се бориме“, подвлече Мицкоски.
Премиерот тврди дека во таа борба посветеноста била апсолутна.
„Наша стратегија беше да го зафатиме теренот и да ги претставиме нашите аргументи. Тоа е демократската алатка што ја имаме на располагање, немаме друга. Ние сме еден од најмалубројните народи и држави во Европа и тоа е единствениот начин. Тоа значи дека треба да бидеме два, три пати подобри од сите други ако сакате да звучите логично и другите да ве разберат и треба да научите да победувате и во Вашингтон и во Брисел и во Берлин и во Париз и во Рим… ако сакате да испратите поинаква порака од онаа што била слушана години наназад“, нагласи премиерот.
Визијата на Македонија 2025 за домашната економија е нулта толеранција на корупцијата, пет отсто економски раст годишно, пристап до ЕУ и ефикасна јавна администрација.
Како што рече извршната директорка на Македонија 2025, Никица Мојсоска-Блажески, во воведното обраќање на самитот, корупцијата е најголем проблем во државата, но земјава сѐ уште нема консензус каква економија сака. Бизнисмените и натаму се перцепираат како профитери, а не како креатори на работни места.
„Има прогрес во Македонија, но другите растат побрзо од нас. Сакаме пазарна економија, а бараме државен интервенционизам, работниците бараат повисоки плати, но не зборуваат за подобрување на нивните вештини. Лесно е да се обвинуваат соседите, владата, но сите придонесуваме за тоа колку ќе просперира државата. Оваа влада почна болни реформи, верувам дека гледа малку подалеку од изборниот циклус“, истакна Мојсоска-Блажески.