Мицкоски: Ги разочаравме творците на независноста на Македонија


ВМРО-ДПМНЕ организираше паралелна прослава на Денот на независноста во Битола. Мицкоски изјави дека е подготвен да ја води државата

 

БИТОЛА – „Дилемата е дали го оправдавме заветот на татковците на оваа нација. Не дека и во минатото не се правеле грешки во историјата, секогаш имало мудрост да се прескокнуваат пречките. Затоа можам со горко чуство и тага во мене да соопштам  дека, овие 30 години ги разочаравме основачите на независноста на Македонија – не го исполнивме во целост како држава нивниот завет“.

Вака претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашнава паралелна пролава на Денот на независноста во Битола во организација на партијата, се осврна на 30-те години на независноста на Македонија. Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ не сака да „учествува на паради кои ги прави власта“.

Дождот што паѓаше во Битола веројатно беше причина што на плоштадот „Магнолија“ се собраа мал број граѓани да го слушнат Мицкоски кој изјави дека „чекор по чекор се губи државата“. Тој нагласи дека не сака да прави лов на виновници, „но целта ми е да посочам дека мора да дојде крај на вртењето во еден ист затворен круг. Не е суштината да речите дека сте решиле проблем како тој со Грција а да отворите уште пет други“.

Потоа тој се префрли на локален терен – во Битола и посочи зошто паралелната прослава е токму во овој град. „Битола е мојот голем приоритет. Денеска сме тука зошто сакаме да направиме паралела за сето она што се случува во ова наше тешко реално политичко секојдневие. Истата таа паралела не сакаме да биде со онаа паралелна  прослава на Владата. Затоа што ВМРО-ДПМНЕ не учествува на паради која ги прави власта. На власта ѝ е поедноставно и поудобно да ги гази дебелите килими во Собранито и да парадира низ  Скопје. На ВМРО-ДПМНЕ му е чест и поудобно да биде овде во Битола заедно со народот“, рече Мицкоски.

Тој постави и прашање „кои ќе бидат нашите цели за следните 30 години. Не ги слушаме а и не ги гледаме од оваа власт“. Според него, тој сонувал за големи работи за Македонија, „и не само човек да сонува туку и да работи за остварување на тој сон. Јас сум подготвен за тоа“.

Иако се очекуваше, Мицкоски не го соопшти кандидатот на партијата за градоначалник на Битола и веројатно тоа ќе биде сторено утре. (А.Б.)