Мицкоски: Ги почитуваме стратешките партнери, но и националните интереси


ВМРО-ДПМНЕ ги почитува стратешките интереси на стратешките партнери. Заедно со ЕУ тоа се системите кон кои ние единствено се стремиме, тоа не значи дека немаме право да ги почитуваме и да се бориме за нашите македонски национални интереси кои се нашиот базичен темел, наше право и долг кон Македонија, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во своето обраќање на одбележувањето на 30. роденден на Унијата на млади сили.

„И таа борба за мене е завет. ВМРО е народна партија и секогаш била и ќе остане народна партија. Главното прашање е колку со договорите се подобри квалитетот на живот и дали народот е задоволен неколку години потоа, каде се ветувањата на Заев дека ќе дојде ЕУ, дека ќе дојдат високите плати, бесплатното здравство, отворање на границите и бесконечни можности. Јас сум реалист и треба реално да се говорат работите“, рече Мицкоски.

Кога станува збор за бранењето на стратешки интереси, праша тој, кој може подобро да ги брани или застапува.

„Кој го потпиша договорот за Стратешко партнерство со САД? ВМРО-ДПМНЕ. Кој донесе визна либерализација? Повторно ВМРО-ДПМНЕ. Кој доби договор за стабилизација и асоцијација? Повторно ВМРО-ДПМНЕ. Кој доби десетина препораки за почеток на преговори со ЕУ и заштитени национални интереси? Повторно ВМРО-ДПМНЕ. Е па, ова е најдобриот демант на тезите на домашните парааналитичари кои сами прават некакви црни листи во името на Зоран Заев“, рече Мицкоски обвинувајќи ја власта дека преку ограничување на слободата и диктирањето на тези создава лажен амбиент во кој бранењето на националите интереси треба да биде нешто што е погрешно.

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, ваквите стереотипи на оцрнувања и лаги и лажни вести власта ги прави за да ја деградира нивната борба, а на тој начин да го заштити сопствениот криминал.

„Тие сакаат да мислите дека сите сме извалкани со истата кал. Постојано да сте разочарани од политичарите со девизата што да правиме ‘сите се исти’. А, не сме исти. Дури ни тие во СДСМ не се исти, туку се заглавени и киднапирани од триесетина души“, рече Мицкоски.

После победата, како што рече, „ветувам одговорност на сторителите заедно со овие полициски душкала и кодоши помеѓу нас”, како и дека „ќе ги исправиме стратешки национални грешки на оваа Влада предводена од Зоран Заев”.

„ВМРО-ДПМНЕ има избистрена слика за националните и стратешки интереси на Македонија како никој друг во државава. Ние сме Македонци со македонски јазик, идентитет и историја, засебност, со заслужено членство во НАТО и заслужуваме брзо членство во ЕУ и тука ја затворам оваа дебата“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

За тоа што ќе направи ВМРО-ДПМНЕ и како партијата ќе се проектира наредниот период, и каква сила ќе биде најави дека ќе биде објавено на 16 јуни.

„16 јуни е вистинската најава за пресврт, за еден голем новитет, во пресрет на одбележување на формирањето на нашата партија од Охрид ќе го соопштиме нашиот новитет. На посебен настан. ВМРО-ДПМНЕ е стеблото, ВМРО-ДПМНЕ е покривката која обединува луѓе. ВМРО-ДПМНЕ е на вистинските патеки, а запаметете 16 јуни е она што сите го очекуваат“, рече Мицкоски.