Мицкоски ги нарече „политички глодари“ оние кои не сакале силна влада на ВМРО-ДПМНЕ

Според премиерот, владата на ВМРО била „последниот столб да не се дозволи уништување на Македонија“. А за „политичките глодари“ тоа било проблем


Христијан Мицкоски за време на посетата на Радовиш

 

Завршија деновите на жалост и премиерот Христијан Мицкоски ја продолжи политичката кампања. Денеска се спушти под Кочани и отиде во Радовиш да присуствува на настанот  работите на реконструкција и пренамена на стоковната куќа во современ мултифункционален центар и музеј. Во Кочани тој за сите овие осум дена не се сретна со жителите да поразговара со нив.

И од Радовиш ги нарече „политички глодари“ оние што не сакаат силна влада на ВМРО-ДПМНЕ. Неговата влада била последниот браник да не се уништи Македонија. И повторно зборуваше за борба до „последниот атом“.

„Апсолутно ги разбирам сите оние кои одлучиле својот легитимен гнев, да го изразат преку демократска алатка, а тоа се протести. Но, не можам никако да ги оправдам оние политички глодари, лешинари, коишто не сакаат силна Влада од ВМРО, бидејќи е браник и последниот столб да не дозволи уништување на Македонија, како држава“, рече премиерот, исклучувајќи ги сите оние што протестираат, а не го прават тоа според образецот што го претставува неговата партиа.

Тој не кажа точно на кои политички глодари мисли, одговарајќи на прашањето за протестите по трагедијата во дискотеката во Кочани. Затоа што протестираа жителите на Кочани, на Штип, протестираа младите во Скопје, Битола, Охрид… Ако премиерот е незадоволен од транспарентот во Штип на кој пишуваше – „Вие го запаливте пламенот, спремете се за оган“ – или вчерашното барање на жителите на Кочани за „револуција на свеста“, а не политички поделби, Мицкоски дополнително ќе ги антагонизира граѓаните кои тешко се опоравуваат од трагедијата во дискотеката.

Мицкоски посочи дека протестите се демократска алатка на изразување на незадоволство.

„И јас сум нервозен, а верувам и дека и вие сте незадоволни. Сите ние сме незадоволни, во сето тоа што се случува и не треба да имаме дилема. Работите ги решаваме и ќе продолжиме да ги решаваме, многу работи изминатите девет месеци, откако е избрана оваа Влада се решија. За многу работи оваа Влада беше браник, да не дозволиме да продолжи понижувањето, разграбувањето, националното уништување на Македонија. Токму тоа е за тие политички глодари проблем, коишто сакаат преку овие протести, да добијат некој политички поен, па гледаат шанса“, изјави Мицкоски.

Тој потенцираше дека апсолутно го поддржува изразувањето на револт и гнев, затоа што, како што рече, уште многу работи пред нас останаа да се решат.

„Но, ќе се бориме до последен атом, енергија, којшто го имаме да исправиме нешто во името на идните генерации, коишто доаѓаат. Преку ноќ не може ништо да се направи, иако направивме многу работи. Поразивме неколку мафијашки здруженија, коишто за жал функционираа во државата, ќе продолжиме и во периодот, којшто следи. Но, од сега па натаму би посакал да сите останеме фокусирани и обидинети во решавање на проблемите“, рече Мицкоски во Радовиш.