Мицкоски пак се зафати со темата за судството, по изборите ќе се посветел на кривичните пријави

На митингот во скопската општина Бутел лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски повторно зборуваше за правосудниот систем во земјава и рече дека повеќе од 80 пријави биле заглавени во судските и обвинителските лавиринти и тој ќе се посветел на нив по локалните избори. Мицкоски најави ресетирање на системот, кој нема да биде реванш, туку ќе значи одговорност и правда.
„Ги слушам лажните храбрења на Филипче, зад кои убеден сум дека стои само стравот од соочување со одговорност. Тоа се изјавите: ‘Еве, година и пол помина од Владата, а никој не одговара и никој не се плаши’. Вистината е дека има над 80 пријави кои седат во фиоките на обвинителството, а клучот на тие фиоки седи некаде на ‘Бихаќка’“, рече Мицкоски.
Тој тврди дека ќе бил најден тој клуч и фиоките ќе биле отворени по изборите. „Со оваа тема посебно и лично ќе се занимавам веднаш по изборите. И правдата ќе ги допре сите оние што сега се удираат во гради. Верувајте, потоа кога ќе бидат соочени со законот, нема да бидат ниту толку храбри ниту толку гласни“, рече Мицкоски.
Претходно, карванот на ВМРО-ДПМНЕ беше во Шуто Оризизари, каде кандидат на партијата за градоначалник е Ерџан Демири.