Мицкоски: ДУИ е во бунило


 

ДУИ се наоѓа на пат на радикализација и криминализација, нивната стратегија е погрешна, изјави премиерот  Христијан Мицкоски, во партискиот поткаст „ВМРО-ДПМНЕ зборува“.

„Мислам дека ДУИ е политичка партија која што во моментот претставува опасна закана и претставува радикален милитанен елемент, не само овде кај нас во Македонија, туку и регионално“, изјави Мицкоски, додавајќи дека тие не се свесни дека времињата се драстично променети и дека нивната стратегија од пред 17-18 години повеќе не е применлива во денешниот контекст.

Мицкоски истакна дека денешната политичка и јавна перцепција за ДУИ, како во Македонија така и кај стратешките партнери на Македонија, е сосема различна од она што било во минатото. „Ставањето на Груби на листата на санкции на САД, поради причини кои се тесно поврзани со криминал и корупција, автоматски подразбира дека целокупната нивна структура е контаминирана со криминал и корупција во очите на нашите стратешки партнери“, нагласи Мицкоски.

Мицкоски додаде дека ДУИ, наместо да направи кадровски и програмски рез, обидувајќи се да се ослободи од контаминираните елементи и да понуди нова програма, продолжува да упатува збунувачки пораки.

Според Мицкоски, ДУИ се уште не се откажала од своите стари тактики, вклучително и обидите да се оправдаат со политички прогон во врска со санкциите на Груби.

„Пораката им е збунувачка и во ова бунило, тие почнуваат да бидат се порадикални и порадикални и да се закануваат, мислејќи дека на тој начин некој ќе се исплаши. Мислам дека грешат, но тоа е нивно суверено право, ова е демократска држава“, изјави Мицкоски.