Мицкоски дојде во Собранието да ги координира пратениците на ВМРО-ДПМНЕ


Фото: Б. Грданоски

 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска во Собранието оддржа координативна средба со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“, на која е разговарано за реконструкцијата на владата.

На координацијата, како што соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ, било заклучено дека кадровските решенија за владиниот состав се резултат на „Пазар 3” коалицијата каде, како што велат, примарен интерес не е напредокот на државата, туку бизнис интересите и личните кадровски амбиции.

„Самите решенија кои се предложени укажуваат на тоа дека со владата управува ДУИ и Ахмети, а Ковачевски е слуга на неговите интереси. Додека Ахмети и ДУИ ја топи и обезвреднува албанската опозиција, Ковачевски и СДС го плаќаат ваквиот план на Ахмети“, се наведува во партиското соопштение.

Според ВМРО-ДПМНЕ, овој владин состав нема да донесе ниту реформи, ниту напредок, туку криминал, матни тендери и продлабочување на кризата.

„СДС и Ковачевски стануваат малцински партнер во својата влада, само за да им продолжи криминалот тие гласаат се што Ахмети ќе им предложи. Доколку помине оваа реконструкција, Алијанса многу бргу ќе ја дочека судбината на Алтернатива, а Таравари за неколку месеци ќе сфати дека бил злоупотребен и дека трампал тендери за крај на неговата партија и кариера“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.