Мицкоски да оди кај јавниот обвинител


Ако јавното обвинување од лидерот на опозицијата дека се прави воено профитерство со хуманитарните летови остане нерасчистено во ова време на пандемија ќе биде тежок удар врз општеството и на комплетниот правосуден систем

 

ЕРОЛ РИЗАОВ

Откако Христијан Мицкоски ја потврди преписката со Драги Рашковски како автентична и остана јавно  на своето тврдење дека на патниците кои се враќаат во татковината организирано со хуманитарни летови им се зема провизија како мито, јавниот обвинител и државната антикорупциска комисија мораа да реагираат молневито, дури и да не е прогласена вонредна состојба.

Такво чуствително обвинување од лидер на опозицијата, шпицен претенедент за иден премиер, дека Владата прави воено профитерство со мачната и драматична судбина на луѓето кои преживуваат тешки денови по светот при враќање во татковината, ако остане нерасчистено во ова време на пандемија  е тежок удар врз целото општество и на комплетниот правосуден систем.

Ретерирањето на Мицкоски по обелоденување на неговата истрага дека нема да тужи за обелоденување на приватна преписка меѓу двајца функционери(!!!) и дека ќе ги достави доказите кога ќе се смени „корумпираното судство“ во најмала рака е сомнително и неприфатливо. Да се има сознанија за направен тежок криминал со искористување на луѓето во очајна ситуација во трка за спасување на животот и да се кријат доказите е рамно на соучесништво што се санкционира со закон. Сигурно никој разумен не би поверувал дека Мицкоски одбегнува да го пријави случајот за да ги заштити корумпираните функционери од власта. Ако Мицкоски чека да заврши вонредната состојба, да се одржат избори, неговата партија да победи, да го реформира судството по образецот на ВМРО-ДПМНЕ, па да ги достави доказите како несуден премиер – тоа е само доказ дека повторно ни се заканува со веќе видената тиранија која се спроведуваше цели 11 години со корумпираните „сваровски“ судии кои работеа по партиски нарачки, кому пет кому десет години затвор, издиктирани по телефон.

Законот, по допрен глас, налага Христијан Мицкоски уште истиот ден да беше повикан кај јавниот обвинител да ги предаде доказите за тешките обвинувања и веднаш надлежните институции да преземат службени активности да се покрене судска истрга. Ако пак се работи за вознемирување на јавноста и за валкана подземна предизборна кампања во вонредна состојба, тогаш и за тоа законот предвидува соодветни казни. Секое поинакво постапување и одолговлекување по вакво јавно обвинување е рамно на признавање дека Мицкоски бил во право.

Овој случај треба да добие апсолутен приоритет без никакви одолговлекувања, бидејќи воопшто не е тешко да се обезбедат докази од стотици непосредни сведоци кои секојдневно пристигнуваат во татковината по долги патешествија на затворени граници и аеродроми. Ако само еден денар е земен повеќе како провизија во нечиј џеп од пропишаниот износ на авионскиот билет треба да уследи соодветна казна како за милиони и плус околностите кога е тоа направено. Вонредната состојба во борба со корона вирусот, меѓу другото, е воведена и поради вакви работи кои треба да спречат профитерство на маката на граѓаните. Се разбира, и обратно, ако се прават монструозни клевети со политички мотиви за нешто што не се случило, Мицкоски треба да седне на обвинителна клупа час поскоро, не додека заврши вонредната состојба, туку додека трае и да го почуствува словото на законот.