Мицкоски тврди дека бил третиран од службите како финансиер на параполициска формација
Физичко следење и лажни извештаи денеска од собраниска говорница објави претседателот на Владата, Христијан Мицкоски. Тој претстави документи според кои лица со кодно име „Цилиндар“ и „Џокер“ го следеле него и неговото семејство.
Според она што го цитираше Мицкоски од извештајот него го класифицирале како финансиер на параполициска вооружена формација која има за цел дестабилизација на Македонија.
„Една од неколкуте институции коишто треба да се занимаваат со безбедноста на државата, наместо да се занимава со безбедноста на Македонија, се занимавала со физичко следење на претседателот на најголемата опозициска партија. И тоа го правеле на многу интересен начин. Како? Измислуваат извор во случајот ‘Цилиндар’, којшто според нив доставува веродостојна информација. Конкретно таква информација доставил од објективни причини, нема да ја кажам точната дата, туку ќе кажам некаде од почетокот на 2020 година (чудно, тоа коинцидира со изборите што тогаш се случуваат), во којашто вели, внимавајте, параполициска воено вооружена формација. Претпоставувам најголем дел од вас биле параполициска воено вооружена формација составена од македонски радикални екстремни и националистички настроени државјани кои имаа за цел во предизборието да вршат заплашување и закани на македонски граѓани за да издејствуваат поддршка за ВМРО-ДПМНЕ. И ова е многу интересно, нарачател и финансиер на оваа параполициско воено вооружена формација на македонски радикални екстремни и националистички настроени елементи, е професор д-р Христијан Мицкоски. Јас сум тој кој што оваа параполициско воено вооружена формација ја финансирал, ја формирал…“, соопшти Мицкоски во парламентот.
Тој наведе потоа уште два примери.
„Изворот ‘Цилиндар’ вели дека јас сум виден со две женски особи на Водно, како пешачам, иако не е вистината оваа информација. Замислете го ова, тие ми презентирале информации од мој политички интерес, а додека пешачам изворот ‘Цилиндар’ мене ме покривал. Исто така, пред избори во 2021 година изворот, сега го добива името ‘Џокер’ вели дека во манастирот Св. Јован Бигорски мојата средба со припадници на Патриотско друштво не била случајна. Тоа било средба што ја сум ја остварил со овие припадници за да ја нарушуваме безбедноста и стабилноста на Македонија“, рече премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски во насока на ова, праша дали ова се европските вредности кои ги промовираше тогашната власт на СДСМ и ДУИ, посочувајќи дека мора преку реформи еднаш засекогаш да се стави крај на овие злоупотреби со безбедносните служби.
„Ова ли се европските вредности. Ајде за тоа што крадеа, крадеа, за тоа ќе има одговорност. Има институции во оваа држава“, истакна премиерот и додаде:
„И тоа не е сè. Тука се покривани и мојата сопруга, моето семејство и мојот малолетен син. И двајцата, едниот е поголем, другиот е помал. И тие се покривани физички. И затоа е сега стравот, затоа е сега стравот. Не е стравот заради друго нешто. Овие европски вредности ги промовираа овие луѓе. Дали ова се вистинските европски вредности, дали јас ви личам на човек кој што може да финансира параполициска воено вооружена формација.
Затоа треба на овие злоупотреби еднаш засекогаш со реформа во овие служби да им се стави крај, за да не им се случува на оние генерации коишто доаѓаат по нас. Затоа што ако ова им се случува, ништо не сме направиле, за бадијала ни е сè и европски фронтови и балкански фронтови и било што, ако ние во 21. век имаме ваков начин на злоупотреба на работата на безбедносните агенции“, дециден е Мицкоски.
На крај премиерот Мицкоски нагласи дека ќе одговараат оние што го следеле него и неговиот син.