Мицкоски би го редизајнирал Скопје 2014
Десет години по спроведувањето на проектот „Скопје 2014“, со кој владата предводена од тогашниот премиер Никола Груевски комплетно го смени ликот на централното градско подрачје „преоблекувајќи“ ги зградите во барок, дел од почнатите објекти останаа недоизградени. Претходниот градоначалник Петре Шилегов не дозволи да се трошат пари за таа цел, па дел од објектите останаа без фасади.
Според најавите на премиерот Христијан Мицкоски, недоизградените објекти од проектот „Скопје 2014“ ќе се довршат, но не годинава, затоа што со ребалансот на буџетот не се предвидени пари за таа намена. Средства ќе се обезбедат во наредниот буџет, за 2025 година.
Мицкоски се согласува дека недовршените објекти од проектот „Скопје 2014“ го грдеат лицето на главниот град и посакува поскоро да бидат завршени иако, како што рече, е љубител на модерниот стил и би сакал така да се довршат објектите, но сепак, како што кажа, тоа ќе го кажат архитектите.
„Навистина тоа е прашање што мене лично многу ме засега како човек роден во Скопје, израснат тука и навистина е тоа премногу грдо онака како што изгледа сега незавршена и недовршена и бараме начин за голем број од тие објекти како да ги завршиме. Јас за вкусовите не сакам да дискутирам, можеби некој има одреден правец во уметноста што му се допаѓа, некој има друг правец во уметноста што му се допаѓа, можеби мене тоа што не ми се допаѓа некому му се допаѓа, но јас сум љубител на модерниот стил и би сакал тие згради и објекти што вие ги споменавте да бидат час поскоро завршени само за да не го грдат лицето на главниот град бидејќи се заборавени – рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Царинската управа околу тоа што планира Владата со незавршените објекти од проектот.
Според него, во ребалансот не се предвидени пари бидејќи се правеле анализи каков е правниот статус на овие објекти, затоа што дел се приватни инвестиции, кои државата не може да ги доградува и санира, но како што рече сакаат да поразговараат со инвеститорите за да се завршат.
„Прочитав еден податок дека бројот на туристи кај нас е зголемен за 11 проценти споредено со минатата година, додека читам во околината оние традиционално интензивни туристички држави имаат намален број туристи годинава, во некои од државите и до 20-25 проценти. Затоа овие објекти треба што поскоро да се завршат“ – рече премиерот.
За проектот „Скопје 2014“ владата на Груевски потроши повеќе од 700 милиони евра.