Мицкоски: Барањата на Петков се порадикални од тие на Каракачанов


Трите барања на бугарскиот премиер Кирил Петков се порадикални и од тие на Красимир Каракачанов, оцени денес лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ЈХристјан Мицкоски.

Според него,  Декларацијата од парламентот  е асимилаторска и хегемонистичка и нема некој нормален кој ќе ги прифати овие барања на Петков, кој со ултра радикален национализам само се обидува да опстане на власт во Бугарија.

– Јас не знам кој нормален во Македонија тоа ќе го прифати. Не знам дали има таков човек, па дури и овие за кои мислиме дека се комплетно отсутни кога станува збор за националните интереси, дури ни тие не може да го прифатат. Ова што го гледам сега е обид на Петков да ја одржи каква таква коалицијата во Бугарија со ултрарадикален национализам, се гледа дека човекот политички лута. Од либерал, како што  ни се претставуваше тука, дека има отворени сфаќања, дека ја гледа европската перспектива, стигна сегадо  ултра тврди националистички барања, изјави Мицкоски.

Мицкоски потенцираше дека тие барања на Петков се неприфатливи за ВМРО-ДПМНЕ и дека потребни се гаранции од Бугарија дека нема да има отворени прашања, но и да се поништи декларацијата изгласана во бугарскиот парламент.

– Додека не видиме гаранции на маса со кои се поништува декларацијата  од ноември 2019 година и, гаранции исто како во 2008 година, кога владата на Борисов бараше од владата на ВМРО-ДПМНЕ да напише написмено дека нема отворени прашања, исто како кога Македонија влегуваше во НАТО, кога владата на Борисов велеше дека нема отворени прашања, таков еден документ треба да издадат, за има основа да дискутираме за се останато, нагласи Мицкоски.

Мицкоски посочи дека се дотогаш нема поента од тие преговори, односно дека по оваа изјава не гледа причина зошто преговараме со Бугарија.