Мицкоски бара парламентарни избори на пролет


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска побара формирање експертска влада, а кога ќе се создадат здравствени услови да се организираат парламентарни избори. Според Мицкоски, тоа би можело да се случи заедно со локалните избори на пролет.

Мицкоски во интервју во емисијата „Студио 10” на ТВ 24 зборуваше за политиките на актуелната Влада предводена од преммиерот Зоран Заев, како и за спорните решенија околу договорот со Република Бугарија.Заев, според лидерот на опозициската партија, долг период ги убедувал граѓаните дека не разговараза идентитетот, односно дека воопшто не се разговарало на таа тема поради тоа што македонските претставници одбивале да го стават на маса предлогот за какво било идентитетско разобличување.

-Ќе бевме среќни доколку беше вистина она што тогаш Зоран Заев го кажа, но за жал после само два дена самиот се демантираше. Во едно негово гостување во радио програма, самиот тој призна дека идентитетот бил предмет на разговор на т.н преговори со бугарската дипломатија. Самиот тој кажа дека веќе нема да можеме да ја користиме придавката “македонски”, што претставува голем пораз за нас како држава и нација, тврди Мицкоски, што е лефтерно толкување на она што го кажа премиерот во емисијата кој ја објаснуваше примената на Преспанскиот договор и бугарските забелешки.

Сепак, според Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со таквиот пристап кон решавањето на проблемите во однос на договорот со Република Бугарија, и токму поради тоа бара влада за национален спас.

-Мора да се формира влада за национален спас која заеднички ќе изгради несоборливи црвени линии кои ќе бидат штитот на македонскиот идентитет, кажа Мицкоски.

Лидерот на опозициската партија исто така побара усвојување на Меморандум во Собранието во однос на идентитетските прашања.

– Вие ако имате во еден момент такво интервју во кое што буквално ги навредувате сите жртви дадени за независна македонска држава, понатаму велите дека не преговарате за тоа, па потоа добивате патриотски севдах, па жицата повторно ја враќате во игра, а вие сте премиер внимавајте луѓето во вас очекуваат да видат стабилност, сигурност, еден континуиран правец на водење на политика, а вие практично имате такви осцилации на дневна на неделна основа што навистина луѓето се чувствуваат збунети. Затоа еве за да не бидеме ние збунет, чим не преговараме ајде да го ставиме ова на документ и да го усвоиме во рамките на парламентот. Нека биде тој документ резултат на еден напорен работен ден помеѓу претставници на сите политички парламентарни партии и ги повикувам вонпарламентарните партии да се приклучат да го потпишат и да ја затвориме таа тема, вели Мицкоски.

Според него, во однос на разговорите со Бугарија, лидерот на опозициската партија смета дека треба веднаш да се остави на историчарите да си разговараат за историските настани, а не тоа да го прават политичарите. Тој посочи дека теоретски ако ние сега ги почневме преговорите кои ги посакуваме, повторно ќе стоеше тој Дамоклов меч од тој момент, до полноправно членство за сите овие прашања кои се отворени од политичарот Зоран Заев.

-За овие прашања не требаше да ги разговараме, требаше да ги бетонираме нашите позиции, мојата цел беше таа , а сега Зоран Заев се обидува низ патриотска призма по вчерашното обраќање, но тоа не му стои, вели Мицкоски.

Во интервјуто тој рече дека лично бугарскиот премиер Бојко Борисов му признал дека Зоран Заев од опозиција му ветил дека ќе ги исполни сите бугарски барања само за да стане премиер.

-Ме прашавте за Борисов, мене лично ми има кажано дека ова што денеска го бараат е ветено од Зоран Заев. Не сум присуствувал на тој муабет, не можам да ја потврдам веродостојноста на таа информација, се оградувам, но лично јас сум го слушнал од него. Кога овој бил опозиционер и кога бил градоначалник бил кај него и ова го ветил, само да дојде да биде премиер, рече претседателот лидерот на опозициската партија.

Одговарајќи на новинарско прашање дали навистина мисли некој би седнал да преговара за јазик, нација и идентите, Мицкоски рече дека и тој не мислел дека Иловица рудникот ќе се гради, па сега случајно ја промени сопственоста од Канадски инвеститор во бугарска компанија со седиште накај Кајманските острови.

-Знаете во политиката нешто ме научи, а тоа е дека нема ништо случајно, вели Мицкоски.

Протестите на ВМРО-ДПМНЕ со барање за оставка на Заев ќе продолжат, но тие ќе направат се за да го заштитат здравјето на граѓаните.