„МГ Фешн“ со одговор до Шанса за Центар – ДУП-от и градежната дозвола се легални


Фото: Б. Грданоски

Во врска со наводите изнесени во соопштението за јавност од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ дека дозволата за градба на парцелата 1.1 спроти „Холидеј Ин“ е нелегална, сакаме да ја известиме јавноста дека градежната дозвола е целосно усогласена со сите правни нормативи во земјата, а воедно истата е и правосилна, како што е легален и ДУП-от врз основа на кој е издадена.

Ја замолуваме иницијативата „Шанса за Центар“ да не изнесува невистини во јавноста, за целосно легитимна правна постапка. Станува збор за постапка која е започната пред многу години и во истата нема никакви правни недоследности.

Потсетуваме дека МГ Фешн правото на сопственост го има стекнато со откуп на приватен имот и дооформување на парцела, односно откуп на државно земјиште од Министерството за транспорт и врски во 2018 година, а за откупот позитивно мислење има издадено и Државното правобранителство.

Согласно членот во Законот за урбанистичко планирање на кој се темелеше иницијативата за суспензија на проектот, треба да се докаже несомнена штета по јавниот интерес што е воочена при спроведување на планот и која би се зголемувала со неговото спроведување. Ваква штета не е докажана, а воедно на овој начин одредбите од законот се злоупотребуваат за цели кои се во спротивност со јавниот интерес и правата на граѓаните.

Гранд Скопје ќе биде урбан и зелен комплекс со модерни објекти и во интерес на сите граѓани, воедно потсетуваме и дека истиот ќе биде со 40% искористеност од максимално дозволените урбанистички параметри во актуелниот ДУП.

МГ Фешн, како општествено одговорна компанија, во рамки на овој комплекс предвидува и јавен простор со површина од 7.500м2 како донација кон градот и сите граѓани, а за чие идејно решение ќе биде распишан јавен конкурс во соработка со Општина Центар.