Метрото ги прими првите патници, аплаузи за Трпчески, а невремето уриваше дрвја: Што се случуваше викендов во Солун
СОЛУН – Саботата и неделата беа возбудливи денови во Солун. Во овој пристаништен град во соседна Грција се случија неколку настани кои солунчани ќе ги паметат долго.
Првата, секако е официјалното отворање на метрото, едно од најсовремените во Европа. Вториот настан кој го одбележа викендов што измина, е настапот на Државниот филхармониски оркестар на Солун, во концерната сала на универзитетот Аристотел, во чии рамки централна фигура беше нашиот славен пијанист, Симон Трпчески, кој ги воодушеви присутните со својата виртуозност.
Третата работа е невремето кое што изминатите два дена се закануваше да го парализира градот и кое што предизвика штети откорнувајќи лимени покриви и дрвја кои паднаа на улиците и врз паркираните автомобили.
Прво за метрото. Свеченото отворање беше во саботата, во 13,30 часот по грчко време. Илјадници луѓе и покрај силниот ветар и дождот кој што врнеше не го пропуштија волшебниот миг за нив да бидат меѓу првите кои што ќе го испробаат овој транспортен систем што се градеше 22 години и чија вредност достигна над 3 милијарди евра.
„Независен“ го „испроба“ метрото во неделата во вечерните часови, некаде околу 20 часот по грчко време, но и тогаш се чекаше во ред за да се стигне на платформите пред да се влезе во современите вагони. Она што на прва воодушевува е системот кој ретко каде го има. Имено, платформите се целосно застаклени, па пристапот до шините е практично е невозможен, односно вратите се така синхронизирани што се отвораат во моментот кога ќе застане метро композицијата. Познавачите велат дека ваков систем има на аеродромот во Франкфурт и во некои градови во Швајцарија.
Целиот простор е современо опремен, со автоматски врати за влегување на платформите, бесшумни ескалатори и бројни машини за купување билети за помала турканица. Билетите ќе чинат 60 евроценти за 70 минути возење, но првите четири денови се промотивни, односно возењето е бесплатно.
Бројни редари им беа на услуга на заинтесираните граѓани и посетители, а тие беа љубезни да одговарат на секое прашање и на странците, меѓу кои и на „Независен“.
Главна специфика на солунското метро е мешавината на античкото и модерното. Како што објаснуваат солунчани, долгото време на изградба се должи меѓу другото и на бројните археолошки наоѓалишта на кои се наишло додека се копало под земја, но сега сето тоа е извонредно вклопено со метро станиците, кои се вистинско патување и во времето откривајќи различни периоди на развојот на градот, почнувајќи од антиката, римскиот период, Византија, како и Отоманскиот период.
Голем дел од артефактите (велат биле ископани над 300 илјади) се достапни за секого, а на повеќе места се искомбинирани и со видео бимови, со паралелни видео прикази за старото и новото. Два мермерни плоштади, ранохристијанска базилика, сообраќајница од римската ера, системи за вода и одводнување и старогрчки гробни места преполни со накит и злато се меѓу презентираните архолошки богатства.
Тоа особено се однесува на централната станица Венизелу каде што има цел археолошки локалитет.
Целосно автоматизираниот брз метро систем – прв од ваков вид во Грција – се очекува да опслужува повеќе од 250.000 патници дневно, намалувајќи го сообраќајниот метеж за дури 60.000 возила.
На почетокот, трасата е долга само 10 километри, но се планира проширување до меѓународниот аеродром.
Викендов во Солун беше значаен и за нас поради настапот кој го имаше Симон Трпчески вечерта на 30 ноември, заедно со Државниот филхармониски оркестар на Солун кој го изведе концертот насловен УРБАН на Универзитетот Аристотел во Солун. Концертот го диригираше францускиот маестро Мартин Лебел и се вклопи во повеќето манифестации кои го одбележаа отворањето на солунското метро.
„Независен“ го проследи концертот и од прва рака може да посведочи за брилијантниот настап што го имаше маестро Трпчески. Концертот практично беше одбележување на урбаниот начин на живот, урбаниот менталитет и култура. Трпчески маестрално ја отсвири „Сината рапсодија“ на Џорџ Гершвин кој инспирацијата ја нашол гледајќи го Њујорк низ прозорците на возот.
Настапот на Трпчески беше нараден со долготраен аплауз и стоечки овации, а тој во свој стил им го честита отворањето на метрото на солунчани читајчи текст на грчки јазик, и заблагодарувајќи се и на македонски со „благодарам“.
Сите овие настани веројатно ќе беа уште повеличевствени доколку во саботата и неделата во Солун не беше силно невреме, што беше причина телеком операторите да праќаат предупредувања да не се излегува или да се побара сигурнио засолниште.
Сепак, и покрај крајно неповолните временски услови, настаните се одржаа како што беше предвидено. (М.Ј.)
(Фото: Независен.мк)