Место да расправа за ребалансот, Собранието заглави околу игрите на среќа


Собранието денеска ја започна 12-тата седница на која се наоѓа и ребалансот на Буџетот за 2024 година, но се уште не е усвоен дневниот ред. На барање на пратеникот Блерим Беџети од коалицијата Европски фронт дадена е пауза до 13:30 часот.

Тој побара пауза откако при усвојувањето на дневниот ред пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ побара од дневниот ред да биде симнат Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, во прво читање, поднесен од пратениците од Европскиот фронт, што беше прифатено од мнозинството.

Како што објасни Стојаноски, при усвојувањето на дневниот ред како дополнителна точка беше изгласано Барањето за автентично толкување на Законот за игри на среќа со кое, како што кажа, ќе се стави ред во издавањето на лиценци и единствено игри на среќа ќе може да организира Државна лотарија, како што е и предвидено. Поради тоа, додаде, нема потреба од разгледување на Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, во прво читање.

Потоа со серија процедурални забелешки пратеникот Беџети од Европскиот фронт и  координаторот на пратеничката група на коалицијата ВРЕДИ, Халил Снопче докажуваа кој е за затворање на казината и кој не бил тука за да гласа, а кој гласал против предлогот на Стојаноски. Воедно Снопче обвини дека Европскиот фронт сега го предлага истото законско решение кое во претходниот парламентарен состав го поднела Алијанса за Албанците за затворање на казината, кое тогашните пратеници од ДУИ не го поддржале. По што Беџети кажа дека сега ВРЕДИ се крие зад пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и побара пауза од еден час за да проверат дали е можно тргањето на точката од дневниот ред поднесена по редовна постапка поради усвојувањето на точка за давање автентично толкување на постоечкиот Закон.