Полскиот амбасадор во Македонија во посета на валандовскиот локалитет Стакина чешма
Градоначалникот на Општина Валандово, Ѓоко Камчев, денес оствари средба со ополномоштениот министер и раководител на полската дипломатска мисија во Македонија, Мариуш Бримора, на археолошкиот локалитет Стакина чешма.
Според информациите од општинските власти, посетата на археолошкиот локалитет, во присуство на директорката на Националниот археолошки музеј, Магдалена Манаскова, и директорот на НУ Завод и Музеј – Струмица, Бранко Ѓоргиев, е со цел да се изврши увид на годинашните археолошки истражувања.
Истражувањата се реализираат со учество на археолози од Универзитетот „Никола Коперник“ од Торун, Полска, заедно со стручни екипи од Националниот археолошки музеј и НУ Завод и Музеј – Струмица, а проектот е финансиран од Факултетот за историја при Универзитетот во Полска.
Годинашната кампања опфаќа дополнителни археолошки истражувања и делумна конзервација на откриените структури, со цел нивно подобро проучување, заштита и зачувување, информираат од Општината. Со тоа се настојува локалитетот да биде место каде што археологијата, науката, меѓународната соработка и едукацијата подобро ќе го презентираат богатото културно наследство на Валандово.