Мештаните од кумановско Агино Село нема да ги пуштат учениците на настава на 1 септември
Родителите на учениците од подрачното училиште „Кирил и Методиј“ од кумановското Агино Село, денеска најавија дека нема да ги пуштат децата на училиште во знак на револт, бидејќи училиштето не е реконструирано со децении.
Љупчо Николовски, претставник на советот на родители од Агино село, во изјавата за МИА кажа дека е поднесено барање до Министерството за образование и наука за реконструкција на училиштето и дека досега немаат одговор од надлежните.
– Аплициравме со план и проект уште во јуни лани, одговор нема од МОН, нема повратни информации, затоа одлучивме утре да не ги пуштиме учениците на настава, изјави Николовски.
Директорот на училиштето, Скендер Рушити рече дека е подготвен проект, испратен е до Министерството.
– Информирани сме за проблемот. Потребна е реконструкција бидејќи училиштето е изградено во далечната 1977-78 година, изјави Рушити.
Настава во ова училиште следат околу 100-тина ученици.
Раководителот на секторот за образование, Александар Јовановиќ кажа дека е подготвен план за реконструкција, аплициран до МОН.
– Претходно, извршена е легализација на училишниот објект, изготвен е идеен и детален проект за реконструкција од ЈП „Куманово план“, аплициравме до МОН во јуни лани. Чекаме одговор. Општината направи современо игралиште, поставено е парно греење, набавени се паметна табли и тековно се одржува, изјави Јовановиќ.
Од секторот велат дека немаат информација од МОН дали е прифатен или одбиен проектот кој уредно е доставен.
– Сакаме да укажеме дека бојкотот на наставата не е решение за овој проблем, бидејќи им штети само на учениците, изјави Јовановиќ.