Мешовитата историска комисија е како остаток од комунистичкото време, вели белгискиот историчар Детрез


Самата идеја за вештачки нации и држави е погрешна и смешна, вели рајмонд Детрез

Заклучоците на македонско-бугарската комисија, какви и да се, нема да го променат мислењето на македонскиот народ за прашањата кои го тангираат. Таа изгледа како остаток од комунистичкото време, оценува познатиот белгиски историчар Рајмонд Детрез, во разговорот за „Мкд.мк“ околу недоразбирањата меѓу Софија и Скопје и бугарската блокада на почетокот на македонските преговори со ЕУ.

Тој вели дека „самата идеја за вештачки нации и држави е погрешна и смешна. Природни држави не постојат. Дрвото расте природно, но секоја земја е создадена од луѓе со политички, економски, социјални и културни средства, коишто сите се вештачки. Во градењето на македонската нација Коминтерната и Тито несомнено имале улога, но нешто како што е македонската национална идеологија се појавува во 1860-тите години, долго време пред Коминтерната, дури и пред Берлинскиот конгрес.

Секој литературен јазик исто така е вештачки, создаден од лингвисти и воведен со закон од страна на властите. Само на ниво на дијалектите може да се говори за ‘природен’ развој“, вели белгискиот историчар.

Според Детрез годините од 1941 до 1944 „терминот ‘окупација’ ми се чини најсоодветен, за разлика од анексија и администрација или ослободување. Самите Бугари во текот на Втората светска војна го користат терминот ‘Окупациски корпус’“.

Расправите чиј бил Самуил Детрез ги соголува на историско ниво некаде во минатотот. „Победникот некако си го ‘чува‚ Самуил за својата историја и својата нација. Сепак, мора да се согласиме дека сите извори од времето на Самуил го нарекуваат ‘Бугарин’. Сметам дека оној што вели дека е Македонец си е Македонец и оваа изјава не треба да се толкува како ‘заблуда’ или ‘србоманство’, но според истата логика прифаќам дека ако изворите без исклучок го нарекуваат Самуил ‘Бугарин’, дека тој е Бугарин. На средновековните владетели наивно им се припишува некаква национална самосвест, својствена за луѓето од 20 и 21 век. На самонарекувањето на Самуил ‘Бугарин’ да му се припишуваат македонски ‘сознанија и чувства’ исто така ми изгледа бесмислено“, вели Рајмонд Детрез во интервјуто за Мкд.мк.