Месечната продажба на лаптопи во Русија опадна за 22 отсто
Кинеските брендови ги заменуваат западните на рускиот пазар по воведувањето на санкциите
Русија забележа пад од 22 отсто во продажбата на лаптопи во јули во споредба со истиот месец минатата година, објави во четвртокот весникот „Комерсант“, во услови на напуштање на западните брендови поради војната во Украина и економското забавување.
Вкупно 222.000 лаптопи во вредност од 13,1 милијарди рубљи (217 милиони долари) се продадени во Русија во јули, објави „Комерсант“, повикувајќи се на неименуван извор во индустријата за потрошувачка електроника.
Додека продажбата на лаптопи произведени од западните производители опадна, бројките што ги објави „Комерсант“ покажаа дека, во исто време, кинеските компании го зголемуваат својот удел на пазарот.
Големиот руски продавач на електроника за широка потрошувачка МТС забележа дека кинеските брендови „Хонор“ и „Хуавеи“ го удвоија својот удел на пазарот минатиот месец, според „Комерсант“.
Спротивно на тоа, ХП, американски производител на компјутери кој го затвори својот бизнис во Русија како спротивставување на инвазијата на Украина, забележа пад на својот удел на пазарот на 21% во јули – во споредба со 26% во јули 2021 година.
Пазарниот удел на друг американски производител, „Епл“, падна од 8% во јули минатата година на 3% минатиот месец.
Продажбата на американските лаптопи ќе продолжи да паѓа во Русија во блиска иднина и ќе биде заменета со кинески и руски брендови, изјавија експертите од ИТ индустријата за „Комерсан“т.
Продажбата на лаптопите во Русија се очекува да закрепне во август по традиционалниот летен пад, но опаѓањето на куповната моќ веројатно ќе ги задржи бројките на продажба под нивото од 2021 година, додаваат експертите.