Месечината нѐ напушта
Ниту ние, ниту Земјата може да стори нешто во врска со тоа
Месечината се оддалечува од нас.
Секоја година, нашата Месечина се движи незапирливо подалеку од Земјата – само малку, околу сантиметар и половина, речиси незабележлива промена. Нема запирање на ова бавно слабеење на врската, ниту начин да го вратите часовникот назад. Силите на гравитацијата се невидливи и непоколебливи, и без разлика што правиме или што мислиме за нив, тие постојано ќе ја туркаат Месечината. Во текот на многу милиони години, ние ќе продолжиме да се разделуваме.
Со оглед на овој прилично мелодраматичен опис, можеби ќе се запрашате: Дали немате подобри работи за размислување отколку за Месечината? Па, не, навистина, затоа што јас сум новинар што истражува за вселената и моја работа е да размислувам за небесните тела и да пишувам за нив. И, исто така, затоа што претставата за овој феномен неодамна се одигра во Кина за време на свеченоста за Фестивалот за средината на есента, што ја означува полната месечина најблиску до есенската рамнодневица. Џиновски балон дизајниран да личи на Месечината, кратери и сѐ друго, се ослободи и се тркалаше по улицата. Видео снимката покажува како двајца луѓе трчаат по масивната месечина додека се оддалечува. Збогум!
Месечината порано беше поблиску. Кога за првпат се формираше, пред околу 4,5 милијарди години, формирана од карпести остатоци што пловеа околу Земјата, Месечината орбитираше 10 пати поблиску до планетата отколку денес. Остатоците, според научниците, потекнуваат од судир помеѓу Земјата и мистериозен објект со големина на Марс. Свежо излезена од космичката печка, Месечината беше жешка и стопена, светеше црвено на ноќното небо. Тогаш, велат научниците, Месечината се оддалечуваше со брзина од околу 20 сантиметри годишно.
Нашата планета и нејзината месечина секогаш се разделуваа вака. Гравитацијата на месечините, колку и да е мала, сѐ уште може да се влече со нивните планети, предизвикувајќи поголемите светови малку да се испакнат нанадвор. На планета покриена со океан како нашата, ефектот се појавува во промените на плимата и осеката. Месечината оди кон нашите океани, но тие океани се повлекуваат, правејќи Месечината да забрза во својата орбита. И „ако забрзате додека орбитирате околу Земјата, побегнувате поуспешно од Земјата, па така орбитирате од подалечна дистанца“, ми објасни Џејмс О’Донахју, планетарен научник во ЈАКСА, јапонската вселенска агенција. Научниците го нарекуваат овој феномен како „лунарно повлекување“ – прекрасен термин, бидејќи претпочитам да замислам дека Месечината ужива во релаксирачки одмор, свиткувајќи го своето карпесто тело во разни јога пози.
Научниците го измерија ова повлекување со ласерски зраци на огледала што астронаутите на „Аполо“ ги оставија на Месечината, користејќи ги тие податоци, заедно со други извори, за да ги проценат движењата од минатото. Стапката на повлекување на Месечината се смени со текот на годините; скокови се совпаднаа со значајни настани, како што се бомбардирање на метеори на Месечината и флуктуирачки ледени доба на Земјата. Постојаното повлекување влијаеше на Земјата со плимата и осеката. Силите што ја повлекуваат Месечината од нас, исто така, ја забавуваат ротацијата на планетата, растегнувајќи ја должината на нашите денови. Во почетокот, кога Месечината беше поблиску до нас и Земјата се вртеше побрзо, еден ден траеше само четири часа. Со сегашната стапка на повлекување на Месечината би бил потребен еден век за да има дополнителни две милисекунди или така нешто во должина на денот.
Се очекува Месечината да продолжи да лебди на овој начин засекогаш. И покрај премисата за претстојниот акциски филм наречен „Moonfall“, таа нема да се удри во нас. Некогаш, околу 600 милиони години од сега, Месечината ќе орбитира доволно далеку, така што човештвото ќе изгуби една од своите најстари вселенски знаменитости: целосни затемнувања на Сонцето. Месечината нема да може да ја блокира сончевата светлина и да фрли сопствена сенка на Земјата. Но, Месечината ќе остане врзана за Земјата, гледајќи кон многу поинаква, многу пожешка верзија на планетата, додека океаните почнуваат да испаруваат. Се разбира, неколку милијарди години потоа, Сонцето целосно ќе ја исфрли од колосек Месечината, а и Земјата исто така, кога ќе снема гориво, ќе се проширува и ќе се притаи внатрешниот сончев систем во спектакуларен чин на смрт на ѕвезда.
Пред извесно време за прв пат погледнав низ телескоп, во многу помирен сончев систем. (Знам, нели? Некаков вселенски известувач сум!) Еден сосед постави телескоп на покривот на мојата зграда и јас се обидов да обрнам внимание додека ми ги објаснуваше различните леќи и нивниот засилувачки капацитет, но бев премногу возбудена, мислејќи само – „Дај да видам, дај да видам“. Ја видов Месечината како светла дводимензионална орбита на небото, со темни дамки кои играат трикови со нашиот мозок, што прави да видиме познати обрасци таму каде што ги нема. Луѓето ги толкуваа овие глифи на многу начини: човечко лице, силуета на зајак. Што виде Месечината кај нас? „Месечината ја набљудуваше Земјата одблизу подолго од кој било друг“, напиша јапонскиот писател Харуки Мураками во својот роман „1Q84“. „Мора да била сведок на сите појави што се случуваат – и на сите извршени дејствија – на оваа Земја“. Месечината сѐ уште гледа. На што мора да се размислува сега, по толку страшна година и пол?
Мојот сосед го сврте својот телескоп преку небото без облаци. Таму беше Јупитер и неговите искривени бендови, слаби, но непогрешливи, и три мали точки на светлина веднаш настрана – нејзините најголеми месечини. Таму беше Сатурн, совршена топка, со прстени што излегуваа од секоја страна. И тогаш имаше месечина: покриена со кратери и пукнатини и сенки, толку богато текстурирана што имав трпки на кожата на врвовите на прстите пред глетката, како да ја тркалам Месечината наоколу во мојата рака како мермер, чувствувајќи ги нејзините нерамни рабови. Решив да не го расипам моментот за сите други на покривот таа ноќ, кажувајќи им дека Месечината полека, но сигурно, се оддалечува од нас. Искуството на дистанца – од нашите семејства, од време на релативна нормалност – веќе доволно мачеше многумина од нас. Подобро да се фокусирате на малата слика во објективот, на правилно гледање на Месечината за прв пат. Можеби на Земјата ѝ се посакува многу долго збогум, но беше убаво да се поздрави.
(Марина Корен е новинар на магазинот „Атлантик“. Таа пишува за вселената, астронаутските мисии и соларниот систем. Текстот е објавен во „Атлантик“)