Мерко повторно тврди дека во Струга нема дивоградби
Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, во гостувањето во емисијата „Топ Тема” на „Телма Телевизија” вели дека нема дивоградби во Струга.
– На 3.3.2011 се донесе закон за легализација на бесправно изградените објекти и секој има право да поднесе барање за легализација, тоа зависи од тоа дали ќе го прифати Советот на општината или не. Тие што се одбиени не треба да се рушат, бидејќи се работи за недоволна документација која ја имаат доставено. Исто така, ги има многу во странство што немаат елаборати доставено, изјави Мерко.
Тој упати критики до Владата дека за донесување на генерален план се потребни десет години, а за детален план потребни се од три до пет години и додаде дека не треба локалната власт да врши притисок врз оние кои имаат потреба да градат.
– Бидејќи луѓето немаат генерални, а ни детални планови, ќе градат на диво, а и уште повеќе ќе градат. Ние не смееме да им вршиме притисок на луѓето. Мора да престане оваа хајка за Струга, уште во 2005 година кога дојдов да ја раководам општината, започна хајката против Струга, дека важи за општина со најголем број дивоградби, но подоцна се изостави дека Охрид има повеќе дивоградби. Не треба да не ставате во ист кош со Охрид, истакна Мерко.
Тој додаде дека заедно со комисијата од Унеско разгледано е крајбрежјето и не е дадена ниту една забелешка
– Ние сме ја прошетале цела обала со комисијата за планот за Унеско и не е најден ниту еден случај. Ние ако имавме 28, а од нив 4 се бараки, останатите се 20 ѕидови, додаде Мерко.
Според него, платформите со истечени концесии се единствена туристичка понуда во Струга.
-Немаме урнати објекти, туку доброволно се отстрануваат платформи. Без разлика што концесиите се истечени, тие се единствена „понуда“ за туризмот во Струга, а и во Охрид. Бараме како да ги средиме овие работи, зашто лесно е да се руши. Се работи за десет концесионери, од сите нив можеби ниту еден не е на моја страна, но јас така тоа не го гледам, туку го гледам во интерес на развојот и турстичката понуда на градот. За се може да се направи план, истакна Мерко во гостувањето на „Топ тема“.
Тој во овој мандат побарал од Владата и очекува да се донесе план за струшкото крајбрежје. Општината има план за повеќе од 30 концесии во градот.
-Треба да се седне со сегашните концесионери зашто имаат многу средства вложени, треба да се направи проценка на тоа и да се види до каде е состојбата. Некој дозволил да имаат такви скапи градби и сега преку ноќ ќе ги рушиме. Лесно е да се руши, тешко е да се гради. За се има разговори и преговори, со еколозите, граѓаните, институциите. Овие платформи се издадени со проектна документација во 2010 година од Министерството за транспорт и врски. Не се уриваат тие платформи, туку се отстрануваат во разговор со концесионерите, помината им е концесијата, но без разлика на тоа сакаме со благи зборови да направиме нешто да не правиме штета. Ние сме туристички град, а тоа значи дека треба да има сигурност, ред. Затоа седнав со концесионерите, истакна Мерко.