Меркел: Делумно „заклучување“ не беше доволно, треба и продавниците да се затворат


Делумното „заклучување“ во Германија со кое се затворија баровите, рестораните и просторите за релаксација, додека истовремено беа отворени продавниците и училиштата, „не беше доволно“, изјави денеска германската канцеларката Ангела Меркел, откако сојузните држави се согласија од среда да бидат воведени поостри мерки.

– Експоненцијалниот раст на случаите беше запрен накратко, им рече Меркел на новинарите во Берлин по разговорите со регионалните лидери, на кои тие се согласија да ги затворат сите продавници, освен суштинските, и да го ограничат присуството во училишта и градинки, јави ДПА.

– Ние сме принудени да дејствуваме и дејствуваме сега, додаде таа, нагласувајќи ја важноста од заштита на националниот здравствен систем.

Според Дојче веле, мерките ќе бидат во сила до 10 јануари, кои меѓу другото предвидуваат дека средба може да имаат најмногу пет лица од две домаќинства. Исклучок ќе биде периодот од 24 и 26 декември, односно за време на Божикните празници, но не и за дочекот на Нова година.

Од 16 декември се затвораат продавниците, освен оние за суштинска стока, и забранети се огномети за новогодишната ноќ.

Верски служби ќе бидат можни само со строги ограничувања, а забранеа ќе биде консумација на алкохол во јавност.

Владата бара од луѓето да се воздржат од патувања и да ги намалат контактите кои не се апсолутно неопходни. Владата најави и дополнителна економска помош.