Менде Трајковски: Ќе се брендираат Мариовски, Пелистерски и Струмички мед


Фото: Б. Грданоски

При крај сме со постапката за брендирање и заштита на нашиот Мариовски мед за кој јасно ќе биде посочено географското потекло, а брендирање е најавено за струмичкиот и пелистерскиот мед, истакна Менде Трајковски, претседател на Сојузот на пчеларски здруженија на Македонија.

Според Трајковски, брендирањето е важно за потрошувачите да знаат од каде е медот.

-Сојузот на пчеларски здруженија на Македонија е членка на европскиот Сојуз на пчеларите и претставува дел од вкупно 400.000 пчелари во Европа кои во моментов водат кампања за зајакната инспекциска контрола и отстранување на неквалитетниот мед од пазарите низ Европа. Потрошувачите треба да бидат заштитени од неквалитетен мед кој се продава во продавници и затоа апелираме и бараме заштита, посочи Трајковски на традиционалната манифестација „Денови на македонското пчеларство“ што се одржува во Битола.

Годинава на плоштадот „Магнолија“ со свои штандови на изложбата учествуваат колеги пчелари од Тетово, Гостивар, Кочани, Прилеп, Велес и други македонски градови кои се дел од иницијативата преку европскиот пчеларски сојуз да добијат европски субвенции за секое пчелно семејство заради како што велат, придонесот на пчелите што го прават со опрашување на растенијата.