„Mелек“ – аудио-визуелна инсталација од Адем Салиу во КИЦ-Скопје


Во Културно-информативниот центар – Скопје, вечер ќе биде отворена изложбата од Адем Салиу насловена „Мелек”. Станува збор за аудио-визуелна инсталација на слики со која уметникот ќе се претстави пред културната публика.

Салиу за себе вели дека како уметник, својата креативност ја посветува на дигитална уметност. Уметничките дела ги креира исклучиво користејќи софтвери на дигитална платформа, аудио и виртуелна слика со вештачка интелигенција – изразена преку видео.

-Во денешната се повеќе растечка култура на технологијата, нови и експериментални уметнички форми се повеќе се користат за создавање на аудио – визуелна инсталација. Темата на моите проекти се севкупни лични искуства, збирка на истражувања, анализи приложено во аудио-визуелниот материјал, посочува за изложбата Салиу.

Овие проекти, според уметникот се анализи на менталната конфузија – реалност на растројствата на личноста. Дисоцијативните симптоми се однесуваат на тенденцијата за фантазија.

-Теоретските студии фокусирани на истражување на овие наоди сугерираат дека луѓето кои страдаат од овие нарушувања може да бидат склони кон мешање на содржината на нивниот сон со искуства во свесниот свет. Многу луѓе страдаат од ментална десинхронизација, вклучувајќи проблеми со тестирање на реалноста, кои се граничат со ментална болест, подвлекува авторот на изложбата Адем Салиу.

Изложбата ќе биде отворена во Салонот Империјал 2 на КИЦ – Скопје, а ќе може да се посети до 28 ноември 2022 година.