Меланија Трамп ги прими претставниците на Русија и Украина во Белата куќа


Вашингтон – Првата дама на САД, Меланија Трамп, денес повика на „траен“ прекин на огнот во Украина, на прес-конференција одржана во Белата куќа во присуство на руски и украински претставници.

„Сега мора да покажеме храброст, како во Олешки, за да најдеме заеднички јазик. Заедно можеме да постигнеме нешто потрајно од привремено прекин на огнот“, рече Трамп, осврнувајќи се на хуманитарното примирје што беше постигнато преку нејзино посредништво во тој украински град под руска окупација.

„Се надевам дека Олешки ќе биде инспирација за поширок мир. Секоја вистинска промена започнува со мала искра“, продолжи првата дама.

Таа рече дека прекинот на огнот во Олешки не би бил можен без рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот Володимир Зеленски. „Нивната соработка претставува значаен преседан за мир во регионот“, додаде таа.

Ги прими руските и украинските претставници
Украинскиот преговарач Давид Арахамија рече дека прекинот на огнот создава „динамика во која двете страни учат мали механизми кои, во пракса, овозможуваат зачувување на мирот“.

„Во име на претседателот Путин и народот на Руската Федерација, сакаме да ѝ се заблагодариме на првата дама Меланија Трамп за нејзината исклучителна улога во решавањето на хуманитарната ситуација во Олешки“, изјави рускиот претставник Кирил Дмитриев.

Прекинот на огнот, кој траеше шест дена и заврши во недела навечер, овозможи евакуација на жителите на градот кој се наоѓа на фронтовската линија на регионот Херсон, кој со месеци се бори со недостиг на основни потреби.

Ова е најдолгото примирје од почетокот на руската инвазија на Украина, започнато во февруари 2022 година.

Ниту Киев ниту Москва не пријавија никакви прекршувања на договорот, за разлика од претходните делумни примирја, особено оние по повод православниот Велигден, истакнува Франс Прес.