Мексико го казни Гугл со речиси 240 милиони долари
Суд во Мексико Сити му наложи на Гугл да плати 234,25 милиони долари на мексикански адвокат кој тврди дека американскиот гигант дозволил дистрибуција на блог кој го обвинува за перење пари.
Гугл соопшти дека ќе поднесе жалба на одлуката и смета дека одлуката е „произволна, прекумерна и неразумна“ и додаде дека ќе се брани до последната инстанца.
Тужителот е мексиканскиот адвокат Улрих Рихтер Моралес, кој ја обвинува софтверската компанија дека дозволила дистрибуција на блог кој го вмеша во наводни кривични дела поврзани со перење пари, трговија со влијание и фалсификување на документи.
„Немам зборови. Ви благодарам“, напиша Рихтер Моралес на Твитер. Автор е на неколку книги, од кои едната е насловена „Дигиталниот граѓанин. Лажните вести и пост-вистината во ерата на интернетот“.
Рихтер Моралес изјави дека во 2015 година побарал од Гугл да го отстрани анонимниот блог. Потоа поднел жалба за „морална штета“ и победил во понизок суд.
Случајот може да оди до Врховниот суд.
Одлуката на мексиканскиот суд од 13 јуни „ја поткопува слободата на изразување и другите основни принципи“, се вели во соопштението на Гугл, кој веќе се соочи со голем број слични тужби во други земји.
На почетокот на јуни, австралискиот федерален суд и нареди на компанијата да плати повеќе од 466.000 евра (487.700 американски долари) на австралиски политичар кој тврдеше дека бил клеветен во видеата на комичар на Јутјуб.