Мекалистер: Чекате толку многу, време е една земја членка да даде зелено светло за преговори

Во Комитетот за надворешни работи на ЕП сите пратеници беа за итно отворање на преговорите со Македонија, само бугарските беа со дисонантен став


Претседавачот со Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, германскиот пратеник Дејвид Мекалистер

 

Претседавачот на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, Дејвид Мекалистер, порача денес дека е крајно време Македонија и Албанија да ги почнат преговорите за членство.

„Повеќето од нас овде давааме силна поддршка да ги решите билатералните проблеми што стојат на патот на итно почнување на преговорите. Оваа земја чека толку многу години, ветување по ветување… Ја  повикуваме нашата една,  драга земја членка,  да даде зелено светло“, го впери тој прстот кон Софија.

Ваквата порака Мекалистер ја даде по обраќањето на шефот на дипломатијата Бујар Османи пред членовите на овој Комитет во ЕП, каде што нагласено позитивно беше дочекана позицијата на Македонија околу воената агресија во Украина и одлуката нашата земја да се хармонизира 100 отсто со политиката и санкциите на ЕУ во однос на оваа тема.

За жал на бугарските членови на парламентот Мекалистер нагласи дека ќе има превод од македонски јазик додека се обраќа министерот, а Османи исто така ја искористи можноста да му се обрати на нашиот јазик на тврдолинијашот Александар Јорданов, кој праша зошто министерот смета дека по почнување на преговорите можат да се решат отворените прашања со Бугарија, а не можат сега, пред тоа.    

„Сите луѓе во регионот имаме заедничка и споделена историја, заеднички напори за слобода и изградба на нашите нации. Низ годините и низ историјата сето тоа, или нѐ зближило, или нѐ оддалечило. Нашиот регион има доволно историја, тоа она што ни треба е заедничка, попросперитетна иднина во овие непредвидливи времиња. Предизвиците со кои се соочуваме се заеднички и нѐ засегаат и нас и вас. Руската агресија ги крши базичните принципи на меѓународното право. Тоа што треба да го направиме во овие времиња е да се здружиме за да го консолидираме регионот, да ги консолидираме односите, за да направиме силна Унија што ќе може да се справи со предизвиците. Оптимист сум дека со фокусирање на иднината и почитување на минатото ќе успееме да бидеме најблиски партнери во регионот кои ќе обезбедат подобра иднина за нашите граѓани“, му одговори Османи на Јорданов.  

Европарламентарецот Андреа Шидер исто така рече дека треба да се прати позитивен сигнал до Западниот Балкан, пред сѐ така што ќе се даде зелено светло за преговорите за пристапување на Македонија кон ЕУ. Тој ја повика Бугарија да ги види овие напори на Македонија и да даде зелено светло. Рече дека има позитивно чувство во ЕП кон Македонија, а во оваа ситуација посебно треба да се обрне внимание на ситуацијата во целиот регион. 

Илхан Ќучук ја поздрави конструктивната улога на нашата влада околу украинската криза, подготвеноста да се спротивстави на руската пропаганда и да ги прифати бегалците. Тој ги поздрави и постигнувањата на оваа влада на внатрешен план, оценувајќи дека таа сака да постигне фундаментални промени во земјата со јакнење на демократијата и владеењето на правото. Но, рече тој, потребен е уште прогрес. Позитивно ја оцени и улогата што ја игра  Македонија во преговорите со Бугарија, давајќи исто признание и на новата бугарска влада. Тој оцени дека повеќе од кога и да е ЕУ треба да покажеме силна посветеност на регионот. 

Европарламентарецот од Холандија, Тис Реутен, рече дека повторувањето колку е важно Македонија да ги почне преговорите станува болно. Сите кои му аплаудираат, рече тој, треба да да знаат дека најпозитивен сигнал кон овие земји е да ги почнат преговорите утре. Според него, Македонија и Албанија работеле тешко и го заслужуваат тоа. 

И Тинеке Стрик од Холандија се согласи дека неуспехот на ЕУ да ги почне преговорите со Македонија има значаен негативен ефект на кредибилитетот на ЕУ кај нас и во регионот. Таа се приклучи на другите европарламентарци што беа загрижени за информацијата дека поддршката за ЕУ драматично опаѓа кај нас и дека се зголемува руското влијание. 

„Она што го споделивте со нас е шокантно и загрижувачко и јас се надевам дека ќе се обнови  довербата што сега е на толку ниско ниво. Од геополитичката важност  е Македонија да напредува во евроинтеграцискиот процес, особено сега додека се случува воената интервенција во Украина, со што нема да се остави простор на Русија да се меша во овој простор“, рече таа.

Стелиос Кологлу од Грција, пак, посочи дека руско мешање е видено одамна во нашата држава околу Преспанскиот договор. Токму затоа, нагласи тој, актуелната грчка влада треба да го потпише што поскоро меморандумот што чека да се најде пред грчките пратеници долг период. 

Елена Јончева од Бугарија рече дека преговорите само „делумно“ зависеле од позицијата на Бугарија, која имала силна иницијатива да се оди напред, но тоа не се случува поради нерешените прашања. Неа ја интересираше дали има силна политичка волја во нашата држава Бугарите да се вклучат во Уставот заедно со останатите етнички групи во земјата.  

Јорданов, пак, рече дека ја памти изјавата на Османи дека сите прашања наследени од југословенското време треба да бидат коригирани.

„Сега слушаме дека има нерешени прашања, дека треба дијалог. Зошто е толку тешко овие нерешени прашања поврзани со историјата да се решат пред почетокот на преговорите за членство? Зошто би било полесно да се решат после?“, забележа тој. 

Османи го сподели чувството дека „верува дека сме блиску до наоѓање заедничко решение за спорот со со Бугарија“. Според него, со помагањето да најдеме достоинствено решение Бугарија ќе отвори нова динамика за регионот и ќе овозможи и на другите да ги затворат отворени досија. Вака, нашата ранливост ја користат други надворешни сили кои се засилуваат во нашето општества и одмагаат да се постигне решение. 

„Ние сме убедени Европејци, ние сме повеќе од 30 години во процесот на приближување кон ЕУ“, рече Османи, па предупреди  дека ново одлагање на овие преговори не само што ќе има последици врз кредибилитетот на Европската уУнија во земјата и целиот регион, туку може да има последици и врз безбедносната ситуација во време кога Русија се обидува да се меша и влијае на внатрешните состојби на сојузниците на ЕУ. Тој потсети и дека Москва веќе еднаш се обиде да се меша во внатрешните работи, за време на Преспанскиот договор, произведувајќи низа лажни вести.

„Нашите европски аспирации мораат конечно сериозно да бидат земени предвид. Северна Македонија, со нејзината граѓанска и политичка мудрост ги избегна сите екс-југословенски војни и подоцна, во 2001 година, покажа дека не сака агресија, дека знае како се креира мир, соживот, како се почитуваат човековите права и правата на малцинствата. И ние немаме намера да застанеме во борбата за освојување на демократските вредности“, изјави Османи пред европратениците.

Околу иницијативата „Отворен Балкан“ тој рече дека Западен Балкан е најбрзо растечки регион во Европа, но сѐ уште е фрагментиран и со бирократски бариери. Желбата е, оцени тој, да се направи поинтересен за инвеститорите. Досега, според Османи, имало дури 72 регионални  иницијативи, некои поуспешни некои помалку успешни, а тој ги гледа како пилот проект со кој се тестира зрелоста на регионот. (Н.В.)