Меѓународна научна конференција за безбедност 2022 во Дојран


 

Во Дојран се одржува тридневната меѓународна научна конференција за безбедност 2022 година во организација на Институтот за безбедност, одбрана и мир на Филозофскиот факултет-Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, што ќе се одржува до 7 септември 2022 година. 

Конференцијата, како што информира организаторот, е посветена на промислување на механизмите за безбедност, мир и развој кои се поврзани со севкупните промени, вклучително и политички, воени, геополитички, економски, општествени и еколошки прашања.

Меѓународната научна конференција ќе ја отворат деканот на Филозофски факултет проф. д-р Ратко Дуев, министерот за правда проф. д-р Никола Тупанчески, претседателката на Комората на Република Северна Македонија за приватно обезбедување м-р Верица Милеска Стефановска, градоначалникот на општина Дојран, Анго Ангов и раководителката на Институтот за безбедност, одбрана и мир проф. д-р Тања Милошевска.

На конференцијата ќе дискутираат над 80 учесници од нашата држава, од Германија, Босна и Херцеговина, Италија, Полска, Србија, Турција, Црна Гора, Мороко, Франција, Нов Зеланд, Грција и Шпанија.

-Конференцијата има за цел да обезбеди форум за размена на академски знаења и емпириски сознанија за новите механизми и предизвици за безбедност (индивидуални, општествени, регионални, меѓународни и глобални), стекнување нови знаења за нивната природа, редефинирање на концептите и системите за безбедност и интензивирање на активностите на сите нивоа со цел подобрување на безбедноста и мирот, соопшти организаторот.