„Меѓу ѕвездите“ – Битолчаните CODE 369 со втор студиски албум за „Кроација рекордс“

Македонскиот бенд CODE 369 од Битола, познат по својата силна музичка посебност, која комбинира фанк, џез, рок и поп, го објави својот втор студиски албум за Croatia Records – „Među zvijezdama“ („Меѓу ѕвездите“). По успешното деби „Stages of Love“, овој нов албум го потврдува нивниот статус на еден од најсвежите алтернативни рок состави во регионот.
Автор на музиката за сите песни на албумот е Даниел Митревски, кој е и продуцент на албумот, додека текстовите се на пејачката Ирена Димовска, освен за песната „Конкретно“, кој го напиша Мила Влаисављевиќ. Албумот е снимен во студиото „Atelier“, а мастерингот е на Славко Ристески, работен во студиото Про Саунд. Визуелниот идентитет на албумот го дизајнираше Лана Ловриќ, чие уметничко решение ја следи атмосферата и пораката на албумот – патување низ емоциите и соништата.
Албумот „Među zvijezdama“ носи звук кој балансира помеѓу алтернативното изразување и комерцијалната прифатливост, притоа задржувајќи ја карактеристичната слобода, енергија и длабочина што обожавателите на бендот веќе ги препознаваат и ценат. Посебен фокус е ставен на синглот „Конкретно“, кој веќе наиде на одлични реакции кај публиката и критиката.
CODE 369 неодамна настапија на Деновите на Croatia Records во Македонија, каде во живо претставија неколку нови песни. Албумот досега беше достапен дигитално, а сега го има и како физичко цеде издание, кое може да се купи и онлајн.
За сите љубители на музиката кои не прифаќаат компромиси и ги истражуваат границите на жанровите – „Među zvijezdama“ е албум кој не се пропушта.