Меџити синоќа дојде во Трубарево, каже дека рециклаторот имал дозвола за работа, а состојбата била под контрола
Фирмата, од оваа институција добила 10 годишна дозвола во 2021 година

Рециклаторот „Ф-Групација“ во Трубарево, чиј магацин со отпадна пластика, батерии и електронски отпад се запали вчера имал дозвола од Министерството за животна средина и просторно планирање, информираше министерот Изет Меџити, кој дури вечерта се појави на местото на катастрофалниот пожар.
Фирмата, од оваа институција добила 10 годишна дозвола во 2021 година. Во снимка од местото на настанот Меџити кажа дека е разбирливо што пожарот предизвикал загриженост кај граѓаните, но и дека Министерството за животна средина со сите надлежни институции реагирале навреме и дека состојбата ја држат под контрола.
„Станува збор за објект кој поседува валидна дозвола за управување со отпад, издадена од Министерството. За да се обезбедат точни и транспарентни информации во врска со евентуалното влијание врз животната средина и здравјето на граѓаните, Министерството ангажираше акредитирани лаборатории за мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух во погодената зона“, информираат од Министерството, од каде најавија дека резултатите ќе бидат јавно објавени веднаш по нивната обработка.