Меџити се дообјаснува: Парите на македонските осигуреници нема да одат на лечење на странците
Министерството за здравство денеска појаснува дека изедначувањето на цените за лекување на странски државјани во земјава се однесува само на оние цени кои ги плаќаат здравствено неосигурените лица во земјава.
-Во врска со ценовникот за давање на здравствени услуги на странци, Министерството за здравство информира дека до сите универзитетски клиники и институти е доставен допис за усогласување на ценовниците за приватни здравствени услуги на странците со граѓаните на РСМ кои се неосигурани и плаќаат приватно. Потенцираме дека воопшто не станува збор за изедначување на цените помеѓу странските државјани и државјаните на РСМ, туку изедначувањето е со приватните пациенти кои не се здравствено осигурени, односно кои не плаќаат здравствено осигурување, се вели во денешното соопштение од Министерството за здравство.
Оттука, нагласуваат од МЗ, за овие промени не се потребни никакви промени во Законот, бидејќи дел од клиниките и институтите веќе имаа изедначени ценовници односно еден ценовник за приватни здравствени услуги.
-Со оваа промена на странските државјани се дава право на избор помеѓу јавните и приватните установи, со тоа што се промовира јавното здравство како една достапна ефикасна здравствена услуга во нашата држава конкурентна на пазарот на трудот. Иста е ценатa. Македонските државјани кои што немаат здравствено осигурување ќе плаќаат иста цена со странците, бидејќи се работи за приватна услуга. Тоа значи дека граѓаните кои плаќаат здравствено осигурање во никој случај нема да бидат на каков било начин во подредена состојба да им го плаќаат данокот на странците, државјаните секако партиципација ќе си плаќаат, односно ќе плаќаат поевтино, велат од Министерството за здравство.
Оттаму додаваат дека ова и порано функционирало во некои државни клиники, а сега со ова се продолжува иницијативата и за во другите клиники.
-Граѓаните на Косово Албанија и Србија нема да се изедначат со македонските граѓани во делот на плаќање на партиципација, туку во делот на приватното лекување. Ова практично значи дека цените на странските државјани ќе бидат исти како и за македонските граѓани кои немаат осигурување и се лекуваат во државните клиники и болници. Така ако за снимање на магнетна резонанца приватно во Клинички центар се плаќа 150 евра за сите наши граѓани кои не се осигуреници, толку ќе плати и косовски или албански државјанин, вели екс министерот за здравство и лидер на Алијанса на Албанците Арбен Таравари.
Тој објаснува дека ова е овозможено со билатерални договори меѓу државите и дека доколку не се направело странците ќе продолжеле да одат во приватно здравство каде плаќале многу поевтино.