Меџити најави подземен паркинг и нови булевари во Чаир

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир од коалицијата ВЛЕН, Изет Меџити, денес го претстави првиот столб од својата изборна програма – сеопфатен план за модернизација на инфраструктурата и конечно решавање на деценискиот проблем со паркирањето во општината.
Меџити најави дека ќе се реализира најголемата инфраструктурна инвестиција во историјата на Чаир, со изградба на повеќе нови паркинг простори и современи булевари што ќе го променат изгледот и функционирањето на општината.
Еден од најголемите капитални проекти е подземниот паркинг под Скендербег плоштад, кој ќе биде изграден на две нивоа со капацитет за 800 возила на површина од 12.500 квадратни метри. Со тоа, како што истакна Меџити, ќе се ослободи центарот на Чаир и ќе се зголеми вредноста на Старата скопска чаршија. Покрај тоа, постоечкиот паркинг во населбата Фуше Топана, со површина од 2.150 квадратни метри, ќе биде целосно реконструиран, што ќе придонесе за подобрување на сообраќајниот проток во тој дел од општината.
Меџити најави и изградба на пет модерни катни гаражи на стратешки локации – кај комплексот „Чаирчанија“, во населбите „Саук Чешма“ и „Фуше Топана“, на булевар „Никола Карев“ и кај салата „Партизани“.
„Ова е трајно решение за паркирањето во Чаир,“ порача кандидатот.
Во рамки на програмата е предвидена и комплетна трансформација на уличната мрежа.
Улицата „Цветан Димов“ ќе прерасне во модерен булевар со шест сообраќајни ленти и велосипедски патеки, а ќе следи и проширување на булеварот „Мит’хат Фрашери“ и воспоставување на нов сообраќаен коридор „Џон Кенеди“ – „Никола Карев“, што ќе го олесни сообраќајот и ќе обезбеди подобра поврзаност со останатите делови на Скопје.
Новите булевари „Хрватска“ и „Црна Гора“, како и кружниот тек кај Природно-математичкиот факултет во Гази Баба, ќе создадат, според Меџити, нови развојни оски за општината.
Планот предвидува целосна реконструкција на улиците во населбите Топаана, Стар Чаир, Фуше Топана и Тенеќе Махала, вклучувајќи ги улиците „Емин Дураку“, „Ферид Мурати“, „Масут Садик“, „Парашкева Киријази“ и други.
Меџити најави и нова јавна расвета, подземни електрични инсталации и воведување еднонасочни улици со цел подобрување на безбедноста и ефикасноста во сообраќајот.
„Ова е победничката развојна програма со конкретни проекти и локации која ќе го направи Чаир модерен, функционален и организиран градски центар.
Време е за инвестиции, за работа и за развој. Време е Чаир да оди напред!“, порача Меџити.
Со овој план, кандидатот на ВЛЕН испраќа порака дека Чаир може да стане пример за урбан развој и современо управување во рамки на Град Скопје.