Меџити: МЗ иницираше зголемување на буџетот за набавка на опрема од 2,6 на пет милиони евра


Фото: Б. Грданоски

Министерството за здравство иницираше зголемување на буџетот за набавка на опрема од 2,6 на пет милиони евра. Тоа е двојно повеќе средства и сум горд на ова. Наша определба е да го ги забрзаме реконструкциите, набавката на опрема, бидејќи клучна причина за незадоволство од јавното здравство е лошата инфраструктура и услови. Ова, меѓу другото, го истакна министерот за здравство Фатмир Меџити на денешниот брифинг со новинарите.

Тој зборуваше за актуелните предизвици во здравството и презентираше што е во фокусот на работата на Министерството со кое раководи.

Меџити најави дека е предвидена нова динамика во изградба и реновирање здравствени установи, а информираше и дека течат и законските рокови по откочување на децениски заглавените проекти, како што се болниците во Штип и Кичево. Тој потенцираше дека во финална фаза е стратегијата за нова реорганизација на здравствените институции и систематизација на работните места, како и стратегија за задржување на младите лекари во земјава. Министерот најави и нова пракса за пријава на можни злоупотреби во здравството.

– Како никогаш досега ќе има нова пракса за вработените во Министерството за здравство, ние сами кога ќе собереме точни информации, јас лично еве ви гарантирам и пред јавноста, како министер ќе одам во Обвинителството лично и ќе ја доставам целата документација за можна злоупотреба, подвлече Меџити.

Тој кажа дека е многу важно пациентите да имаат доверба во лекарите и оти не треба сите здравствени работници да бидат ставени во ист кош, потенцирајќи дека ќе биде направено сѐ по случајот со Онкологија, да се врати довербата на пациентите во квалитетот на здравствената заштита.