Медиумсите работници се важна алка во разобличувањето на лажните вести


Лажните вести, со достапноста на интернетот, станаа присутни насекаде во светот, а како тие да се препознаат и како да се спречи нивното ширење беше тема на која дискутираа новинари и медиумски работници на работилницата која се одржа на институтот „Макс ван дер Штул“ при Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово.

„Лажните вести се дел од современото општесто, а со развојот на интернетот, многу тешко се контролира нивното влијание. За да разбереме што се случува, треба да имаме и големи познавања. Голем дел од нашите политички експерти, советници и владини служби не знаат како функционира светот на Силициумската Долина, а треба да ги вклучиме информатичките технолози во процесите на разбирање на социолошките и политичките проблеми во нашето општество“, вели Ида Мартон, виш советник за решавање конфликти и преговори која ја водеше работилницата.

Лажните вести и дезинформациите во последните години станаа важно оружје и во политичката сфера и претставуваат сериозна закана.

„Феноменот „Велес“ имаше удел во изборната кампања во САД. Како стигнавме до тоа, некои деца од Велес да имаат влијание во изборот на американскиот претседател. Податоците покажуваат дека 4 отсто од главосите дошле на тој начин. Тоа зборува дека лажните вести не се присутни само локално, како што беше порано. Сега, со социјалните медиуми, полето е отворено и веста може да стаса и во најоддалечените земји. Прашањето е како може тие да се следат и спречат“, вели Мантон.

За да се заштити општеството од ширењето на лажните вести, дезнформации и на вести пуштени со намера да наштетат, потребни се сериозни државни кампањи за едукација, но и заеднички пристап од институциите и медиумите за разобличување на невистините кои се пласираат во дигиталниот свет, беше заклучено на работилницата.

Работилницата за обука со новинари и медиумски работници, дискусија за случаи на медиумска дезинформација што може да доведе до сериозни последици за стабилноста и евроинтегративниот процес на Северна Македонија, со што ќе се подигне свеста и ќе се зајакне професионалната одговорност на медиумските работници и нивната улога во демократизација на општеството беше реализирана во рамките на проектот „Градење на капацитетите на медиумите во борбата против лажните вести и дезинформациите“, финансиран од амбасадата на Чешка.