Мециновиќ: Не може 600.000 граѓани да бидат жртви затоа што јас и Мицкоски не можеме да се договориме


Амар Мециновиќ, кандидат за градоначалник на Скопје од Левица, денес најави дека партијата нуди подобро и долгорочно решение за јавниот превоз од оние на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.Мециновиќ потсети дека во изминатиот советнички мандат Град Скопје имал можност повеќе од 20 пати да набави нови автобуси, но тоа не било направено. Како прв чекор ја најави набавката на нови и безбедни автобуси, наместо, како што рече, „дотраените возила што минатото лето се палеа на улиците и го загрозуваа секојдневието на Скопјани”.

Втората мерка е промена на автобуските линии. „Тие се анахрони, неколку децении стари и сосема неефикасни. Наместо долгите линии по исток-запад, ќе воведеме циркуларни линии кои ќе го хранат комбинираниот транспорт”, изјави тој.

Како клучен сегмент го најави ставањето во функција на постоечката железничка линија по север–југ (Ѓорче Петров – Скопје Север – Драчево) и изградба на нова траса по оската исток–запад. Линијата би била долга 13 километри, со 20 станици, и според него долгорочно ќе заштеди стотици милиони евра. „Јас сум целосно отворен за соработка со централната власт. Не може 600 илјади граѓани да бидат жртви затоа што јас и Мицкоски не можеме да се договориме”, рече Мециновиќ.

Тој додаде дека предложеното решение е подобро од проектот БРТ.

„БРТ е ‘глорифицирана 15-ка или 5-ка’. Искуствата од Истанбул, Богота и Џакарта покажуваат дека е преодно решение кое долгорочно создава уште поголем метеж”, нагласи кандидатот.

Мециновиќ потсети и дека Скопје е единствен главен град без јавна линија до аеродромот и кон  индустриската зона Бунарџик. Според него, со поврзување на постоечката железничка инфраструктура може да се обезбеди функционален систем што ќе му овозможи на градот „конечно да почне да дише”.

„Ова е капитален проект и нема да се расплинуваме. Јавниот превоз мора да профункционира затоа што тоа е социјално прашање. Поголемиот дел од Скопјани се возат со јавен транспорт”, рече Мециновиќ, потсетувајќи дека како советник повеќе од дваесет пати ги повикувал ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да гласаат за ново решение, но тие биле незаинтересирани.

„Знаете ли зошто сакаат БРТ, а не железница? Затоа што железницата ја поставуваат Македонски железници, а нивните компании знаат само да бетонираат и асфалтираат. Ние сакаме визионерски пристап и изградба на трајна инфраструктура што ќе го воскресне железничкиот транспорт – најефективниот во светот денес”, заврши Мециновиќ, кандидатот за градоначалник на Скопје.

 Мециновиќ, потсети исто така дека пред точно една година во Собранието поднел декларација за признавање на државата Палестина во име на пратеничката група на партијата, но документот и денес останува во фиока. Тој истакна дека за тоа време низа европски држави, меѓу кои Франција, Велика Британија, Малта, Ирска, Словенија и Шпанија, веќе ја признаа Палестина, додека Македонија ја пропушти можноста да се најде меѓу првите слободарски народи.

„Македонија уште пред една година имаше историска шанса да се најде во листата на првите слободарски народи кои ќе ја признаат Палестина, но власта тоа не го направи затоа што едноставно не сочувствуваат”, изјави Мециновиќ, додавајќи дека со таквиот однос македонските власти стануваат соучесници во геноцидот во Газа.

Тој се осврна и на ставот на министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, кој изјави дека земјата не треба да биде „импулсивна и емотивна” во носењето одлука за признавање.

„Што има импулсивно и емотивно во илјадниците деца кои се убиени од ционистичкиот режим? Што има импулсивно и емотивно да сакаш да спречиш апартхејдски систем и да пратиш порака до меѓународната заедница дека Македонија е на страната на слободата и против угнетувањето на слабите народи?”, праша Мециновиќ.

Тој уште еднаш апелираше до Владата да го артикулира ставот на поголемиот дел од македонскиот народ, кој, како што рече, сочувствува со болката на Палестинците.

„Имаме личен пример со егзодусот на Македонците од Егејска Македонија, па ние секогаш сме биле на страната на ослободителните движења. Така треба да биде и овој случај. Оваа вазалска влада мора да собере храброст и да го направи тоа час поскоро!”, порача Мециновиќ.