Мажот пронајден мртов во куќа во Кавадарци бил избоден и запален


 
Првичниот наод од обдукцијата врз телото на починат маж кое беше пронајдено во семејна куќа во Кавадарци на 8 септември, покажа дека починатиот бил лишен од живот со повеќе убодни рани, а потоа бил запален, соопшти државното Јавно обвинителство.
 
-Со оглед на утврдените факти, Основното јавно обвинителство Кавадарци презема интензивни дејствија за откривање на сторителот или сторителите. Веднаш по пронаоѓањето на телото беше извршен увид на лице место, а сега по наредба на јавниот обвинител се вршат и дополнителни увидни дејствија и разговори со повеќе лица, информира Обвинителството.

Како што беше соопштено завчера, дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци извршил увид на местото во семејна куќа во која беше пронајдено безживотно тело на маж на возраст од 70 години.

Екипата на iтната медицинска помош констатирала смрт со видливи изгореници на телото поради што надлежниот јавен обвинител издал наредба за обдукција на телото на починатиот. При увидот, од местото биле подигнати траги со цел да се утврдаат околностите под кои настапила смртта.