Матурантите бараат намалување на материјалите или изоставање на предмет


На денешната дебата „Државна матура 2023: што велат матурантите?” организирана од ОДАС Организација за дијалог и афирмација на средношколците и студентите се дискутираше за предизвиците со кои средношколците се соочуваа последниве четири години и како тие ќе влијаат на полагањето на државната матура.

– Главниот заклучок беше дека ние како генерација немавме една целосна непрекината учебна година, а тоа јасно се одразува на нашето образование. Дел од предлозите беа намалување на обемот на материјалот предвиден за полагање на матура, изоставање на еден интерен предмет и слично. Овие заклучоци ќе бидат доставени до надлежните институции – велат матурантите.

Поради дојави за бомби, средношколците од октомври лани, до сега, речиси секој ден беа евакуирани, а наставата или не се одржуваше или продолжуваше онлајн.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири смета дека целосно ќе се реализира наставната програмата и целосно ќе се реализира сè што е предвидено во датумите за државната матура и во делот за предвидените испити од матурата.

Шаќири информира дека се направени анализи од Секторот за основно образование, образложувајќи дека во Законот за основно образование точно се предвидува колку работни денови треба да се работи во една учебна година, додека во Законот за средно образование, како што рече, не е предвидено точно колку учебни денови треба да има една учебна година.

Второто полугодие од учебната 2022/2023 почна на 23 јануари 2023 година, наместо на 18 јануари 2023 година. Учебната година ќе заврши на 14-ти наместо на 9 јуни 2023 година.